Македонија

Загаденоста на воздухот во Скопје намалена, но се’ уште висока

Загаденоста на воздухот во Скопје намалена, но се’ уште висока

Скопјани и денеска дишат загаден воздух, иако мерењата покажуваат дека има намалување за разлика од претходните денови.

Последните мерења на Министерството за животна средина и просторно планирање од утрово во шест часот покажуваат високи концентрации во сите општини во Скопје, од 90 до 180 микрограми на метар квадратен. Многу висока концентрација е измерена во Тетово.

Загаденоста во градот Скопје шест дена е над дозволеното, а завчера локалната самоуправа излезе со препораки до граѓаните да не престојуваат на отворено, да не проветруваат,  да не ги користат автомобилите ако не е неопходно.

Скопје треба да добие два мобилни апарата за мерења и анализи на квалитетот на амбиентниот воздух, со што за првпат ќе се докажува поврзаноста на загадениот воздух и загадувачот. Овие апарати ќе бидат поставувани на таканаречените жешки точки во Скопје, но и во другите градови.

Препораките на надлежните се однесуваат на тоа да не се користат уреди за затоплување на просториите и за готвење на фосилни горива, особено ако сопствениците и корисниците се свесни дека немаат обезбедено ефикасно одведување на димните гасови, граѓаните и правните лица да ги одложат сите активности со корозивни хемикалии, лепаци, бои, лакови, пестициди и слично.

Апел беше упатен и до стопанствениците своите технолошки процеси да ги вршат со крајна претпазливост и да одбегнуваат се што не е нужно, а може да влијае на квалитетот на воздухот во градот, како и да соработуваат со зајакнатиот инспекциски надзор од Државниот инспекторат за животна средина и Инспекторатот на Град Скопје.