Загина дедото на заштитениот сведок во случајот „Oреше“

Ѓоре Ѓурчиновски (51) од велешкото село Ореше загинал во бизарна несреќа вчера во селото. Загинатиот е татко на сопругата на Златко Арсовски, познат по тоа што беше заштитен сведок со кодно име Бреза во случајот со нарачаното убиство во селото, објави Дневник.

Од полицијата ја потврдија информацијата, но сеуште немаа детали за случајот бидејќи траел увидот.

– Од семејството на Ѓоре Ѓ. околу 11 часот се јавиле во полицијата да пријават дека тој бил прегазен од трактор. Според нивното кажување, несреќата се случила во дворот од семејната куќа во Ореше. Ѓоре го стартувал тракторот за да оди на нива, но во еден момент се симнал од возилото. Тогаш тракторот се придвижил и го прегазил – изјави Анита Стојковска, портпарол на СВР Велес.

Ѓурчиновски беше сопственик на продавницата во Ореше, која изгоре во подметнат пожар пред еден месец. За потпалувањето беше осомничен соселанецот Ѓоре Петровски, кој е осуден на 13 години затвор бидејќи го нарачал убиството на Лазе Милошевски од селото.