Загина една од девојките од Босна која избега во Сирија за да се омажи за џихадист

Петнаесет годишната Сабина Селимовиќ која избега од својот дом во БиХ за да се омажи за терорист и да се бори на страната на Исламската држава во Сирија загинала во судирите во таа земја, објавија австриските медиуми.

Информацијата ја добила австриската полиција, но се уште официјално не може да се потврди. Според нивните податоци индетитетот се уште не е јасно утврден, па можно е да станува збор и за 16 годишната Самра Кешиновиќ.

И двете девојчиња отидоа во војна откако претходно беа регрутирани на Балканот да се борат за воспоставување Калифат. Според разузнавачки информации на српските безбедносни служби повеќе од 300 џихадисти од поранешна Југославија се борат на страната на ИСИЛ. Иако се регрутираат борци од Србија, БиХ, Албанија, Косово, Македонија и Словенија центарот за регрутација за овој дел од Европа е во Виена.

Поранешниот началник на српската ВБА, Момир Стојановиќ вели дека регрутирањето луѓе на нашите простори за исламските движења е сериозен безбедносен проблем.

– Овој вид на проблеми бараат цврста соработка на разузнавачко-безбедносните сектори на сите земји во регионот. Постои потреба заедно да се бориме против радикалните исламисти, да организираме нови средби на кои би се занимавале со феноменот на продор на радикални групи, вели Стојановиќ.

Тој додава дека многу агенции посредуваат во регрутирањето, така што патувањето е камуфлирано како туристичко, а станува збор за префрлање на луѓе на боиштата.

– Постојат млади кои од економски причини се приклучуваат. Треба да се разграничи дали некој е приклучен од вакви причини или од религиозни убедувања, затоа што доколку причините се идеолошки, станува збор за сериозен проблем, вели Стојановиќ.

Исламската држава пред неколку месеци објави петогодишен план на глобална доминација. Меѓу целите кои и се поставени е и освојување на целиот Балкан за кој смета дека треба да биде дел од глобалниот калифат. Тие мислат дека во сите балкански земји треба да се воспостави строгиот шеријатски закон.