Загина сестрата на претседателот на Хондурас во хеликоптерска несреќа

Министерката Хилда Хернандез (51) сестрата на претседателот на Хондурас Хуан Орландо Хернандез загина со уште пет лица кога се урнал хеликоптер во кој беа.

Два хеликоптери за извидување се испратени на терен за да го најдат исчезнатиот Еурокоптер АС350, што од главниот град Тегасигалпе тргна кон Комајагва, но поради лошите временски услови се испратени пешадиски екипи, се вели во соопштението на армијата, пренесува Ројтерс.

„Остатоците од хеликоптерот се лоцирани и нема преживеани. Шесте лица кои биле во хеликоптерот, вклучувајќи ја Хилда Хернандез, се пронајдени мртви“, изјави претставник на војската, додавајќи дека причините за несреќата ќе се испитаат.

Хилда беше блиска советничка на претседателот на Хондурас, по професија беше земјоделски инженер, а во владата на својот брат работеше како министер за комуникации, додека во претходната влада на претседателот Порфирио Лобо беше министер за социјален развој.

Во хеликоптерот покрај Хернандез, се наоѓаа четири члена од нејзиното обезбедување и пилотот.

Претседателот Хернандез по веста за несреќата својата слика на Твитер ја смени и стави црна фотографија, а подоцна повторно ја промени и ја стави сликата од својата сестра.

Претседателот Хуан Орландо Хернандез е во центар на спор во врска со претседателските избори што се одржаа на 26 ноември, на кои освои 43 отсто од гласовите спрема својот ривал Салвадор Насрали кој освои 41,4 отсто од гласовите, а кој вели дека бил измамен и дека не ги признава резултатите од изборите.

Врховниот изборен трибунал се уште не прогласи победник.