Заглави ли „Монструм“ во монструозни правни лавиринти?!

Откако вчера се одложи рочиштето за случајот „Монструм“, поради отсуство на обвинетиот Фејзи Азири кој бил хоспитализиран на пулмологија, се отвораат нови сомнежи околу „искрените намери“ за разрешница на овој случај.

Азири, според полициски информации, бил приведен вчера, бидејќи  по него била издадена потерница од штипскиот затвор за доиздржување казна затвор од шест години и четири месеци за сторено кривично дело „Недозволено држење на оружје или распрскувачки материјали“, додека неговиот адвокат, ја демантираше таа информација.
Тој вели дека Азири не бил уапсен, туку бил само под полициски надзор на Клиниката за пулмологија во Скопје. Според него, Азири нема нема да се врати во затвор, туку ќе остане да се лекува во болница.

Сите што си поигруваат со смртта на децата, нека се плашат од нивните солзи!

На отсуството на обвинетиот и презакажувањето на рочиштето, родителите на убиените момчиња реагираа бурно, а мајката на убиениот Алксандар Наќевски, во емотивно обраќање во судница, побара  судот и обвинителството да ја утврдат улогата на обвинетите, дали се поврзани со случајот како директни извршители или помагачи. Да се утврди природата на контактите и пораките на петте функционери на ДУИ, односно транскриптите од броеви што се класифицирани како државна тајна.  Да се открие идентитетот на двете Н.Н. лица посочени од заштитниот сведок, а чии гласови се слушаат во разговорите, но не се опфатени во истрагата.

Нашите деца беа убиени во четврток вечерта, ни ги донесоа во петокот попладне и имаа отворени очи. До саботата, кога ги закопавме, им течеа солзи по лицето. Сите што си поигруваат со нивната смрт, со нас и со нашите судбини, нека се плашат од тие солзи, рече Зорица Наќевска.

Нејзиниот сопруг Горан, посочи дека кога биле кај премиерот Зоран Заев тој им ветил дека ќе ги даде имињата на петте функционери на ДУИ кои ги има во „бомбите“ и кои, наводно, се поврзани со смртта на децата.

Родителите на убиените момчиња, претходно посочија и дека Заев им испратил порака на телефон пред околу два месеци, дека ако ги објави тие телефонски броеви зад кои се кријат високи функционери од ДУИ, ќе сторел кривично дело.

„Во следните две седмици ќе објавиме сѐ што поседуваме, а вам би сакал да ви ги дадам телефоните што ги кријат, а не ви ги кажуваат на посебна средба затоа што тоа е обезбедено со посебни истражни мерки и не може да го објавам затоа што законски е недозволиво. Значи вам ќе ви ги дадам. Но секако знам што очекувате од објавувањето… но тоа што ќе го објавиме е сѐ што имаме“, стои во пораката.

Родителите обвинуваат: Заев уценува со доказите

Родителите исто така сметаат дека доказите се во седиштето на СДСМ, и побараа судот да издаде наредба за претрес и да ги обезбеди транскриптите. Тие го обвинија Заев дека манипулира и уценува со доказите. Премиерот, пак, на ова обвинувањее со став дека се шо поседувал од телефонските разговори и транскрипти за овој случај, му е предадено на СЈО.

За петкратното убиство кај Смилковско езеро, доживотна казна затвор им беше изречена на Алил Демири, Африм Исмаиловиќ, Агим Исмаиловиќ, Фејзи Азири, Хаки Азири и Сами Љута. Но, случајот доби пресвртница кога Јавното обвинителство побара да се повтори судењето за случајот „Монструм“, со образложение дека во обвинението нема доволни факти за делото тероризам, а во новата  истрага да бидат и прислушуваните разговори.

Правни експерти тогаш коменираа дека барањето на обвинителството е изненадувачко, а ниту обвинителството ниту одбраната не му доставиле на Врховниот суд докази врз основа на кои би требало да се укинат доживотните затворски казни.

Врховниот суд во ноември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.

Според пресудата во првото судење, директни извршители на петкратното убиство биле браќата Агим и Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, додека Хаки Азири бил задолжен за транспортот, а задачата на Сами Љута била бирањето на локацијата и давање логистика, а Фејзие Азири го организирал бегството на извршителите на убиството.

На 21 март годинава предметот го презеде Специјалното јавно обвинителство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.