Загреб прва пречка на Вардар кон втората титула во СЕХА лига

Македонскиот ракометен шампион Вардар, денеска  ќе ја почне трката за втората титула во СЕХА лига. Вардарци од 18 часот во „Спенс Арена” во Нови Сад во првото полуфинале на фајнл форот ќе се сретнат со бранителот на титулата Загреб.

„Многу сме среќни што сме овде. Имавме доволно време да се подготвиме за завршниот турнир и нашата основна цел е дуелот со Загреб во полуфиналето. Очекувам тежок натпревар, бидејќи Загреб е екипа составена од одлични ракометари кои играат борбено во одбраната и имаат одлични шутери од надворешните позиции. На последниот наш меѓусебен натпревар славевме убедлива победа, но тоа беше друг меч, кој што немаше резултатско значење. Сега ќе биде многу потешко. Атмосферата во екипата е одлична, Тимур Дибиров се враќа на теренот, откако последните прегледи покажаа дека неговата повреда на окото е во ред. Се надевам дека љубителите на ракометот ќе гледаат врвна ракометна претстава”,рече тренерот на црвено – црните Раул Гонзалез.

Во второто полуфинале од 20,30 часот силите ќе ги одмерат Татран Прешов и Мешков Брест.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.