Загребскиот театар „Керемпух“ ќе гостува во Драмски

Загребскиот театар „Керемпух“  на 2 и 3 февруари ќе гостува во Драмски театар-Скопје.

 Претставата „Јазовец во Керемпух“, авторски проект на актуелниот хрватски режисер Оливер Фрљиќ, тетатарот „Керемпух“ ќе ја изведе на 2.февруари.

– Се работи за хит-претстава  на театарот „Керемпух“, актерски и тематски многу умешно споени четири стендап настапи. Вистинита и умна сатира, збогатена со брилијантни актерски остварувања, кои гарантираат извонредно забавна вечер со гостите од Загреб, информира ДТС.

Во претставата „Јазовец во Керемпух“ играат: Хрвоје Кечкеш, Вилим Матула, Борко Периќ и Ракан Рушаидат.

На 3 февруари, пак, првпат во Македонија ќе биде изведена претставата на македонскиот режисер Александар Поповски „Да живее Хармс! Чудата постојат“, во која играат Линда Бегоња, Иван Ѓуричиќ, Тарик Филиповиќ, Хрвоје Кечкеш, Лука Петрушиќ, Маја Посавец, Ракан Рушаидат, Бранка Трлин и Миа Аночиќ Валентиќ.

– Претстава која прашањата на апсурдот, пародијата и на хуморот воопшто не ги третира еднодимензионално, вкалапено и предвидливо. Возбудлив театар кој се впушта во ризик, во своевидна авантура, театар кој произведува неочекувани резултати, соопшти Драмски театар.