Македонија,Крими хроника

Загрижувачка статистика: Огромен пораст на силувањата на деца

Загрижувачка статистика: Огромен пораст на силувањата на деца

Во текот на изминатата година, на подрачје на целата земја се регистрирани се вкупно 151 кривично дело од областа на кривичните дела против половата слобода и морал, а од вкупниот број, повеќе од половината или поточно 83 дела се извршени над деца, покажуваат податоците на Министерството за внатрешни работи.

Загрижува фактот што сексуалните деликти извршени над деца се зголемени во споредба со минатата година за 63 отсто. Порастот првенствено се должи на зголемениот број дела „полов напад над дете кое не наполнило 14 години“, кои се зголемени за 47 отсто. Во рамките пак на сексуалните злоупотреби, децата до 14-годишна возраст се јавуваат во 70 отсто од кривични дела, односно 58 дела се извршени над оваа категорија лица. Кривичните дела се извршени од страна на 51 сторител над 53 деца до 14-годишна возраст.

Статистичките показатели, укажуваат дека состојбите на овој план во споредба со 2012 година, се значително влошени, односно бележиме зголемување на овој вид кривични дела од 63 отсто.

При реализацијата на овие кривични дела е покажана особено висока ефикасност, која изнесува 96,4 отсто, а останале нерасветлени само три кривични дела, од кои „задоволување полови страсти пред друг“, „обљуба со злоупотреба на положбата“ и „производство и дистрибуција на детска порнографија“.

Според видот, најзастапено е кривичното дело „полов напад врз малолетник кој не наполнил 14 години„(по ново: „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години) и има вкупно 50 дела, или процентуално овие дела се 60 отсто од вкупниот број дела над деца, додека останатите дела се застапени во многу помал број.

Гледано по подрачја, сексуалните злоупотреби над деца се најчести за подрачјето на секторите за внатрешни работи Скопје и Битола. Притоа, може да се заклучи дека  почесто се вршат сексуални злоупотреби во урбаните средини, каде се извршени две третини од кривичните дела, а една третина во рурални подрачја.

Според местото на извршување, поголемиот дел од делата, или 65 отсто се извршени во затворени објекти (најчесто куќи на сторителите или родители на жртвите, потоа викендички, напуштени објекти, помошни простории, воспитни установи и сл.), додека останатите 35 отсто од делата се извршени на отворен простор.

Според времето на извршување, најчесто злоупотребите се вршеле во текот на денот, но за дел од случаите не може со сигурност да се утврди точниот временски период на извршување на делата или пак се одвивале континуирано. Во тие случаи жртвите биле изложени на сексуално насилство подолг временски период, а регистрирани се осум такви случаи годинава или еден помалку во споредба со минатата година

Забележана е појава, која од година на година, станува сé поочигледна, а тоа е што сторителите на овие деликти, се почесто напаѓаат деца од нивното најблиско опкружување, односно претходно се познаваат со жртвите. Овие познанства им помагаат да се зближат со нападнатите,  искористувајќи ја нивната доверба. Така, сé почесто се случува напаѓачите да се роднини, пријатели, соседи, познаници на жртвите. Годинава, сторителите се татковци, очув, дедо, професор, други роднини, соседи, љубовници, познаници, а во многу мал број случаи сторителите не ги познавале жртвите претходно.

Според начинот, сторителите при извршување на делата, во 34 случаи  употребиле физичка сила за да ги совладат жртвите, во четири случаи ја искористиле психофизичката немоќ на жртвите, во три случаи малолетниците добивале ситни износи на пари, три случаи со разни ветувања, во по еден случај со закана со нож и со секира, додека во останатите случаи со вербална закана.

Најголем број од сексуалните напади годинава се вршеле од поединци, во  три случаи злоупотребите се извршени од двајца сторители, а во само еден случај од група од тројца сторители. Жртви на сексуалните злоупотреби се 98 деца, од кои 70 од женски и 28 од машки пол. Притоа, најмладата жртва на сексуална злоупотреба е машко дете на возраст од четири години.

Според возраста, најоглем број од сторителите се во категоријата од 18 до 30 годиншна возраст, но загрижува што овие дела се почесто го вршат лица до 18 години. Според завршеното образование, најголемиот број или 43 се со основно образование, 21 со средно образование, 16 се со завршено четврто одделение, тројца се без образование и двајца се со високо образование. Според работниот статус, најголем број од пријавените сторители се невработени-55, 29 се во работен однос, а еден бил пензионер.

Според сите изнесени податоци може да се заклучи дека профилот на сторител на сексуални злоупотреби би изгледал вака: Маж на возраст од 20 до 30 години, со неоформено образование, без квалификации, невработен е припаѓа на ниските социјални слоеви. Тој најчесто напаѓа девојчиња, најчесто од социјално загрозени семејства, претходно ја познава жртвата, односно е дел од неговото социјално опкружување.