Теми

Загрижувачки бројки во Македонија: Жртвите на педофилија се’ почести, возраста се’ помала

Загрижувачки бројки во Македонија: Жртвите на педофилија се’ почести, возраста се’ помала
Само годинава 59 деца биле жртва на педофилија или некој друг вид на сексуална злоупотреба
Не се ни сеќавам кога и како почна, бев премногу мала имав само неколку години. Тој беше околу пет години постар од мене, знаеше повеќе, знаеше дека не смее, но сепак тоа траеше, а јас не знаев како да се заштитам, како да се одбранам, како да го спречам, раскажува веќе дваесет и петгодишната девојка која се’ до својата 14 година била жртва на сексуална злоупотреба од свој близок роднина.

 

Девојката, која разбирливо сакаше да остане анонимна, а ќе ја именуваме само како Ангела, вели дека никому не кажала за ужасот што и’ се случувал, никогаш од никого не побарала помош.

 

„Многупати посакував и се обидував да им кажам на своите родители, но никогаш не собрав доволно храброст. Мислев дека ќе ме обвинат мене, дека јас сум виновна за она што ми случува, дека ќе бидам казнета. Дека ќе го растурам и засрамам моето семејство. Поради тоа молчев“, вели Ангела.

 

Вели дека сето тоа одеднаш запрело кога веќе пораснала и се одалечила од човекот кој со години наназад ја злоставувал.

 

Иако, злоставувањето траело со години, вели дека не дозволила тоа да ја дефинира како личност.

 

„Тоа нешто ми го уништи детството, не сакав да дозволам да ми го уништи и животот. Го потиснав длабоко во себе, направив да заборавам и сега понекогаш кога ќе се навратам на тоа ми се чини така нереално, како да му се случувало некој друг“, вели Ангела која сега се реши да ја раскаже својата тајна детството за да помогне луѓето да станат свесни дека децата не се жртви во некое далечно место туку дека тоа може да се случи и блиску до нив, во нивниот град, во нивната населба, во нивниот дом.

 

Жртвите се’ почести, возраста се’ помала

 

Сексуалната злоупотреба е сериозна појава која демнее над децата во земјава. Се’ почесто слушаме за случаи кога деца на возраст од само пет, шест години биле сексуално злоупотребени, малтерирани, продавани на други од свои блиски, па дури и од своите родители.

 

Само годинава 59 деца биле жртва на педофилија или некој друг вид на сексуална злоупотреба.

 

Податоците на полицијата велат дека од почетокот на годинава досега регистирани се 49 случаи каде била нарушена половата слобода и половиот морал на малолетни лица, а за тоа биле поднесени кривични пријави против 53 лица.

 

„Од вкупниот број на кривични дела девет се извршени  на подрачје на Битола, осум се извршени на подрачје на Скопје, шест на подрачје на Куманово, пет –Штип, четири- Струмица, три-Велес, по  две на подрачје на Кочани, Охрид, Берово и Радовиш и по едно кривично дело Виница, Валандово, Гостивар, Тетово, Делчево и Неготино. За регистрираните кривични дела пријавени  се 53  сторители  и тоа сите  од машки пол  од кои  14 лица се малолетници,  17 лица  се на возраст од 18 до 34 години, девет се на   возраст од 35 до 45, седум од 46 до 54 години  и над 55 годишна возраст се  шест  лица“, велат од Министерството за внатрешни работи.

 

Девојчињата се почести жртви на педофилите, велат бројки на полицијата.  Триесет и девет девојчињата годинава биле сексуално злоупотребени, додека жртви на ваков вид злоупотреба биле и 28 момчиња.

 

Дека женските деца се во поголем ризик да бидат жртви на педофил потврдуваат и Првата детска амбасада „Меѓаши“ која често преку својот СОС телефони добива пријави за сексуална злоупотреба, се обидува да им помогне на жртвите, но и активно учествува во креирањето на политиките за превенција и санкционирање на педофилијата.

 

„Во најголем дел од случаите околу 90 отсто девојчиња се жртви на педофилија, а 10 отсто се момчиња, а она што вчудоневидува е што 90 отсто мажи се злоставувачи, насилници, силувачи, а само 10 отсто се жени педофили. Тоа значи дека не секогаш тој што бил жртва, ќе стане и силувач, бидејќи бројките го потврдуваат ова“, вели Драги Змијанац, директор на Првата детска амбасада „Меѓаши“ кој вели дека неофицијално имаат бројка дека околу 1.000 деца годишно во Македонија се жртви на педофилија.

 

Змијанац вели дека она што е уште пострашно со оваа појава е што се’ почести се случаите на родоскревнувањето, кога детето е жртва токму на оној што треба да го сака, чува и заштитува.

 

„Значи тоа е една огромна траума што детето ја доживува и една од најтешките работи што може на детето да му се случат и токму затоа ’Меѓаши’ веќе 20 години ја подига свеста за нулта толеранција против сексуалните злоставувачи- педофили особено злоставувачи на деца под 14 години и се залага за репресивни и превентивни мерки“, истакнува Змијанац.

 

Препознајте го и помогнете му на детето – жртва

 

Децата најчесто ги гледаме насмеани, распеани, како си играат со своите врсници, редат коцки и цртаа шкртки – мртки. Но, не треба да ги занемаруваме промените во детското расположение кога насмевката и играта ќе бидат заменети со првите знаци дека нешто не е во ред и дека нешто му се случува на детето. При првите промените во однесувањето на детето  треба да се разговара со него, да му се дозволи да го искаже она што го мачи и да му се помогне.

 

Психологот Александра Прошева објаснува дека децата кои се жртви на злоупотреба најчесто се чувствуваат виновен, се срамат и стравуваат дека оној што ги повредува нив може да ги повреди и нивните блиски доколку прозборат и побараат помош.

 

„Несоодветно за возраста се појавува ноќно мокрење, несоници, ноќни стравови, страв да се остане сам во куќата или со личноста која злоставува, страв од машки особи,  не ретко бегство од дома. На училиште се забележува пад на успехот, незаинтересираност за училишните обврски, чувство на замор, расеаност кај деца кои пред злоупотребата не манифестирале такво однесување, чести изливи на бес или изразена повлеченост,одбегнување на разговор,  депресивно расположение, обид за самоповредување, појава на неадеквтно однесување кога сака да добие внимание кое е сексуализирано и несоодветно за возраста“, вели Прошева објаснувајќи ги знаците кои може да бидат индикатор дека детето е жртва на педофилија.

 

Прошева вели дека на детето може да му се помогне ако се создаде атмосфера за тоа да се чувствува безбедно и да раскаже за она што му се случило.

 

„Децата сеуште немаат развиена вербализација како возрасните каде на еден симболичен начин преку цртеж, игра, искажување на соништата и кошмарни доживувања ги разработува емоциите на страв, срам, вина кои се потиснати и со кои може и во тој тераписки сетинг да се ослободи и асимилираат тие за детето особено болни доживувања“, вели психологот.

 

Прошева вели дека последиците од сексуалната злоупотреба на детето доколку не му се помогне може да бидат трајни и опасни.

 

„Сликата за себе им е крајно девалвирана, здравата сексуалност е нарушена каде барањето на контакт, блискост дури и барање на најобична услуга од друг е преку сексуализиран начин на кој научиле да добиваат внимание во детството. Личносната несигурност создава ниски амбиции кон постигнување како на процесот на образование така и на професионален план , често стапувајки во врски со неадекватни и насилни партнери кои ги имале како модел за учење од детство, водејки до малолетнички брак, дисфункционално семејство“, објаснува психологот Прошева.

 

Превенција и санкционирање

 

Министерстовото за труд и социјална политика во изминатиов период презема сериозни мерки за да ја подигне свесноста на јавноста за сексуалната злоупотреба на деца, но и значително ги зголеми санкции за злоставувачите.

 

Отворањето на Регистарот за лица осудени за сексуална злоупотреба и воведување на хемиска кастрација за педофилите беа последните и најсериозни преземени мерки.

 

Преку Регистарот граѓаните може да се информираат за лицата кои се осудени за вакви злосторства, да проверат дали во нивната населба или град живее некој од нив, но може и да се најдат совети како да ги заштитите и предупредите вашите деца за сексуалната злоупотреба.
Инаку, законот предидува затворска казна од 10 до 20 години за лицата кои се прогласени за виновни за сексуалната злоупотреба на деца.