Захариев: Бесплатен оброк за штипските ученици од прво до петто одделение

Еден од нашите најголеми приоритети ни се најмалите, тоа се нашите ученици и ние направивме многу во претходните четири години за образованието благодарение на поддршката од централната влада, вели кандидатот за градоначалник на Штип Илчо Захариев.

„Во овој момент се шират некои информации дека доколку во Штип победи Захариев, а на централно ниво е владата СДСМ нема да пушта пари за градот Штип. Граѓаните на Штип плаќаат даноци и давачки како и сите останати граѓани на оваа земја, стопанството ги плаќа сите давачки и има законски рамки и обврски централната власт да дава пари за нашата општина. Всушност кога Зоран Заев беше градоначалник на Струмица владата на ВМРО-ДПМНЕ ги сервираше сите свои обврски кон сите општини. Ние имаме одличен буџет и направивме одлична финансиска дисциплина во нашиот град, а граѓаните се лојални и го плаќаат данокот и ние им вративме на граѓаните со 450 проекти“, потенцираше Захариев.

Додадеа дека во наредниот период воведуваат новина и нивните ученици од прво до петто одделение ќе добиваат бесплатен оброк кој ќе го плаќа целосно општина Штип.

„Над две илјади деца од прво до петто одделение почнувајќи од наредната година ќе добиваат бесплатен оброк, а на тој начин ќе им помогнеме и на родителите, но пред се на училиштата, а најмногу на најмалите затоа што тоа не е голем трошок за општината, а ќе биде придобивка за две илјади ученици“, рече Захариев.