Захариев: Зградите во Штип ќе добијат енергетски ефикасни фасади, на сметка на општината

Кандидатот за градоначалник на Општина Штип од ВМРО-ДПМНЕ, Иличо Захариев продолжуи со промоцијата на своите проекти пред граѓаните, пат така во четвртокот беше во посета на населбата „Осми ноември“, каде што кажа дека неговата партија не ветува, туку дека работи и остварува, а дека 450 проекти се доказ за тоа дека не ги лажеле граѓаните изминатите четири години.

„Сѐ што побаравте, сѐ исполнивме. Денеска ветуваме нешто ново, сите згради во нашиот град кои се направени пред повеќе до 30 години, некои повеќе од 50 години, каде се целосно девастирани, уништени фасадите, ќе бидат комплетно обновени, ќе бидат направени енергетско ефикасни, по сите стандарди со средства кои ќе ги плати Општина Штип. Тоа значи дека зградите во населбата ‘Осми ноември’, оние ткно згради кои се направени по руска технологија, зградите кои се наоѓаат во населбата ‘Автокоманда’, кои голем дел од нив се доизградија, надградија и легализираа, зградите кои се наоѓаат во населбата ‘Сењак’, во централното градско подрачје, посебно седумте кулите, Општина Штип со сопствени финансиски средства ќе ги направи новите фасади, ќе ги направи енергетски ефикасни“, рече Захариев.

Напомена дека со тоа ќе биде променет ликот на населбите каде што се наоѓаат овие згради. Најави дека и секаде каде што се ставени покриви надвор од сите стандарди, тие ќе бидат заменети за да бидат тие направени максимално безбедни.

„Средства имаме, знаеме како тоа да го направиме, вредни сме и посветени, веруваме дека на крајот вие ќе бидете задоволни“, порача актуелниот градоначалник Захариев.