Македонија

Зајакнување на капацитетите во животната средина кај локалната администрација

Зајакнување на капацитетите во животната средина кај локалната администрација

Во Министерството за животна средина и просторно планирање денеска почна реализацијата на проектите „Зајакнување на административните капацитети на државно и локално ниво за спроведување на европското законодавство во областа на животната средина“ и „Зајакнување на капацитетите за применливост на законодавството во животната средина на локално ниво“, финансирани од Европската унија.

Со зајакнување на капацитетите на локално ниво, ресорниот министер Нурхан Изаири очекува подобрување на управувањето на животната средина, мониторингот и спроведување на законодавството на локално ниво, како и зајакнување на административните капацитети и подобра соработка на локалната и централната власт.

Бенефит, според него, ќе имаат деветте пилот општини, но и останатите бидејќи ќе бидат вклучени во обуките и ќе можат да ги користат документите што ќе произлезат од проектот.

– Во практичниот дел ќе бидат изработени 10 Б интегрирани еколошки дозволи, а за Тетово, каде е актуелно прашањето за загадување на воздухот ќе биде изработена проценка за состојбата со квалитетот на воздухот, истакна Изаири.

Дел од овој проект е и набавката на информатичка опрема, опрема за мерење на бучавата и земање примероци при вршење инспекциски надзор, како и набавка на софтвер за подготвување на стратешки карти за бучава. За Државниот инспекторат за животна средина набавени се 10 возила.

Евроамбасадорот Аиво Орав информира дека твининг проектот за зајакнување на административните капацитети на државно и локално ниво за спроведување на европското законодавство во областа на животната средина почнал во јануари годинава и ќе трае една година, за што ќе бидат финансирани 1 милион евра.

За техничка помош за зајакнување на капацитетите за применливост на законодавството во животната средина на локално ниво ќе бидат издвоени 1, 25 милиони, проект што ќе се реализира од јануари оваа до јули идната година.