четврток, 20 јули 2017  |  Вести денес: 42

Зајакнување на специјалистичкиот кадар во ЈЗУ со 90 кофинансирани специјализации

На огласот што пред два месеци го објави Министерството за здравство за запишување кофинансирана специјализација се пријавија 158 кандидати, од кои по спроведување на процесот на селекција се избрани 90 кандидати.

132977725

Последни вести

  Од 90-те кандидати, 83 се пријавени за јавни здравствени установи (66 кандидати за девет општи болници и 17 кандидати за трите клинички болници), додека останатите седум кандидати се пријавени за гинеколози и педијатри на примарно ниво (шест матични гинеколози и еден матичен педијатар).

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека со овие доктори сериозно ќе го зајакнат на долг рок капацитетот на болниците низ државата.

Посочи дека со огласот обезбедуваат дополнителни 30 доктори во ГОБ „8 Септември“, девет доктори во Клиниката по хируршки болести „Св.Наум Охридски“ и Клиничка болница Битола, осум доктори во Општа болница Куманово, шест доктори во Клиничка болница Штип, четири доктори во општите болници во Охрид и Гостивар и Клиника за детски болести, двајца доктори во Општата болница Струмица и Клиничка болница Тетово и еден доктор во Општата болница Струга.

Објавениот оглас бил за запишување кофинансирана специјализација (или супспецијализација) за 208 специјализации, меѓу кои 168 специјализации во 19 јавни здравствени установи и во 34 различни специјалности, а останатите за матични педијатри и матични гинеколози, а процентот на кофинансирање во интервал од 20 до 80 проценти во зависност од типот на специјализација.

– Во делот на кофинансирана специјализација по гинекологија, е избран еден кандидат за Ново Село, со што ќе овозможиме за првпат оваа општина да добие матичен гинеколог. Исто така, по еден кандидат од областа на гинекологија е избран и за општините Струмица и Велес, и тројца кандидати за Скопје. За кофинансирана специјализација по педијатрија е избран еден доктор во општина Гостивар, рече Тодоров.

Со оваа мерка, посочи, овозможуваме да се постигне балансирана дистрибуција на специјалисти на територијата на целата држава, што сериозно ќе влијае на обезбедувањето специјалистичка здравствена заштита и решавање на проблемот со недостиг на специјалисти во некои општини во Македонија.

Според него, недостигот на специјалисти е проблем, кој е настанат како резултат на тоа што во минатото не се водело сметка за потребите од надополнување на медицинскиот кадар, не се размислувало долгорочно и се задоволувале моменталните желби на докторите за областа во која сакаат да специјализираат. Ваквата политика на долг рок, нагласи, се одразува многу штетно, лошо и резултира со недостатокот на специјалисти во определени области.

Нагласи дека системот е така креиран да оние кои ќе се пријават на огласот, а кои се приватни специјализанти и кои потоа ќе бидат селектирани, државата ќе им надоместува еден дел од специјализацијата кој се движи од 20 до 80 проценти и ќе земаат месечен надоместок во висина на просечна плата за времето додека специјализираат. Досега, појасни, приватните специјализанти сами ја плаќаа специјализацијата и немаа никаков финансиски надоместок за нивната работа како специјализанти.

– Од областа на педијатријата објавивме 20 кофинансирани специјализации во 13 различни општини, и кај секоја специјализација процентот на кофинансирање е 80 проценти односно толкав дел од надоместокот ќе покрива државата, и 20 кофинансирани специјализации од областа гинекологија и акушерство односно матични гинеколози во 11 различни општини, рече Тодоров.

На конкурсот објавиле места за матични педијатри и матични гинеколози. За разлика од првата група специјализанти кои имаат загарантирано вработување како специјалисти во болницата, клиниката или клиничката болница за која специјализирале, а во меѓувреме ќе земаат просечна плата, посочи Тодоров, оние кои се пријавиле за матични педијатри и матични гинеколози склучуваат договор и имаат гарантиран договор со Фондот по завршување на специјализацијата.

– Значи за нив обезбедуваме загарантиран договор со Фондот како да имаат 1.000 поени, тоа е некаде околу 55.000 денари загарантиран почетен износ кој Фондот ќе им го надоместува на оние кои ќе отворат приватни здравствени установи од областа на педијатрија или од областа на гинекологија. Имајќи предвид дека со огласот опфативме доктори веќе запишани на приватна специјализација, со оваа мерка овозможуваме значително да се подобри статусот на приватните специјализанти преку зголемување на нивните редовни приходи, а воедно и нивно загарантирано вработување и загарантиран приход по завршување на специјализацијата, рече Тодоров.

Потенцира дека од друга страна ги стимулираат младите доктори на медицина да запишуваат специјализации по гинекологија и педијатрија и на тој начин да се надмине недостатокот на гинеколози и педијатри во секоја општина во Македонија.

– Станува збор за реформа која се базира на неколку принципи и тоа: стратешки пристап, ова е долгорочна мерка, треба да постигнеме растеретување на Клиничкиот центар во Скопје, обезбедуваме високо ниво на здравствена услуга поблиску до местото на живеење, сериозна финансиска поткрепа на младите специјализанти и предвидливост на целиот процес односно да не се доведуваме во ситуации да имаме лоша кадровска политика во здравството, ненавремено планирање на ресурсите и на тој начин недостиг на определени специјалности во определени области, рече Тодоров.

Појасни дека пријавените кандидати биле тестирани со стручен тест (врз основа на база од 500 прашања) и тест за познавање англиски јазик (со база од 200 прашања), а при селекцијата особено внимание се посветило и на просечниот успех на кандидатот, рангот на високообразовната установа на која кандидатот ги завршил студиите, како и должината на специјализантскиот стаж. Во однос на кандидатите кои не се избрани, додаде дека тие не исполниле еден или повеќе услови од законски предвидените.

Најчитани вести