Заканувачка порака на вратата од домот на Буралиева: „Ку*во продадена“

Заканувачки пораки со навредлива содржина осамнаа на влезната врата на домот на пратеничката на СДСМ Љубица Буралиева.

Според информациите од нејзините соседи во скопско Ѓорче Петров, на нејзината влезна врата, ноќеска некоја напишал „Ку*во продадена“ и ставил знак за долар.

Буралиева која е една од трите пратенички на опозицијата кои се решија да не го почитуваат повикот на Заев за бојкот и се вратија во Собранието, вели дека и претходно добивала закани.

– Многу сум вознемирена. Ова не е прв пат да добивам закани но нема повеќе да молчам. Заканите доаѓаат веднаш по написите на еден новинар и еден портал. Истрагата ќе покаже дали има поврзаност, вели Буралиева во изјава за „Прес24“.

Таа не открива на кој новинар и веб портал мисли, но неодамна, еден од луѓето кои важат за блиски до СДСМ и пишуваат со речници кои изобилуваат со пцовки и недолични зборови објави текст поврзан токму со оваа пратеничка.

Ваквите закани денес најостро ги осудија нејзините колеги од законодавниот дом, од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

– Пратениците од Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ не поддржуваат и не се согласуваат со било каков чин на насилство или насилничко однесување врз колегите пратеници без разлика на нивната политичка определба. Како пратеници во Собранието на Република Македонија сметаме дека ова однесување е незрело и срамно, бидејќи токму пратениците се претставници на граѓаните во Собранието на Република Македонија, се вели во нивното соопштение.

fotooo