Заклучен избирачкиот список: Од 500-те илјади фантоми ни трага ни глас

фантоми

Ова произлегува од заклучувањето на Списокот што завчера го направи Државната изборна комисија и од што произлезе дека прочистувањето што беше направено во текот на годинава и за што се потрошија неколку месеци не резултира со откривањето „фантоми“ како што тврдеше опозицијата, пишува Дневник.

Познато е дека лидерот на опозициската СДСМ, Зоран Заев како и други високи функционери на оваа партија ја оспорија евиденцијата на гласачите во земјава и во странството со образложение дека во него има илјадници непостојни гласачи.

Во Списокот има 500.000, 300.000, 150.000… фантоми кои треба да се отстранат и со кои се правени изборни манипулации – изјавуваше Заев во повеќе наврати во изминативе месеци.

Бришењето од евиденцијата на вакви наводно непостојни гласачи стана и едно од ултимативните барања на опозицијата за одржување на предвремените парламентарни избори. Ова барање беше прифатено, по што се пристапи на прочистувањето.

Државната изборна комисија, пак, соопшти со каков точно Список ќе се оди на изборите.

1.784.416 граѓани се запишани во единствениот Избирачки список за претстојните собраниски избори. Од нив, во дипломатско-конзуларните претставништва ќе гласаат 20.573 гласачи. На посебниот избирачки список се запишани 230.122 лица за кои се смета дека се на привремена работа во странство. На изборите на 11 декември ќе гласаат и 13 внатрешнораселени лица, 2.015 лица кои се во притвор или во затвор. Во просториите на ДИK, пред изборите, ќе гласаат и 320 лица кои се членови на Избирачките одбори во дијаспората – информира Kомисијата.

По истекот на процесот на прочистувањето од Списокот се отстранети речиси 20.000 гласачи кои дотогаш биле евидентирани, а кои не ги отстраниле причините за спорност во предвидените рокови. Повеќе медиуми во тој период информираа дека на овој список се наоѓаат личности што постојат и што се познати во јавноста, но станале спорни од разни причини при вкрстените проверки правени во ДИK со податоци добиени од десетина државни институции.

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ вчера ја обвини СДСМ дека цели две години ја лажеше и манипулираше македонската јавност дека имало половина милион фантоми.

Измислените половина милион фантоми беа главниот аргумент на СДСМ да ја оспорува волјата на народот од изборите во 2014 година и да ја втурне Република Македонија во најголемата политичка криза. Новиот Избирачки список има 5.000 повеќе гласачи од Избирачкиот список во 2014 година. Составот на ДИK, во кој мнозинство има токму СДСМ, потврди дека на Избирачкиот список сега има 1.784.524 избирачи за разлика од Списокот во 2014 година, кој броеше 1.779.500 избирачи. Единствената забелешка што СДСМ ја достави до ДИK беше листа со 38 имиња на граѓани што починале, а што веќе биле избришани од Избирачкиот список. Веќе нема ниту најмала дилема дека срамни и безочни беа лагите дека немало повеќе од 1.500.000 избирачи – соопшти оваа партија.

Оттаму нагласија дека „веќе нема ниту најмала дилема дека СДСМ го подметна сценариото со Избирачкиот список само за да иницира криза за реализирање на планот за воведување двојазичност, кантонизација и промена на Уставот“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.