Македонија

Заклучоци од седницата на Советот за безбедност

Заклучоци од седницата на Советот за безбедност

Министерството за внатрешни работи да изработи писмена информација за безбедносната состојба во Република Македонија и да ја достави до Советот за безбедност, да продолжи во континуитет да ја информира јавноста за безбедносните настани во земјата. МНР да изготви акт за информирање кон меѓународните организации и странски држави за актуелната безбедносна состојба и настаните во Гошинце на 21 април и Куманово и Липково на 9 и 10 мај. Сите надлежни институции од областа на безбедноста и одбраната да преземат мерки во рамки на нивните законски надлежности. Да се интензивира регионалната и меѓународната соработка за спротивставување и заштита од тероризам со цел во иднина да се превенираат насилни акти во Република Македонија.

Ова се заклучоците од седницата на Советот за безбедност што се одржа во неделата, а беше свикан од претседателот на државата Ѓорге Иванов. Заклучоците се објавени на веб-страницата на претседателот Иванов.

– Седницата расправаше за актуелната безбедносна состојба во Македонија и активностите на Министерството за внатрешни работи во Липковско – Кумановскиот регион, се наведува во текстот од заклучоците.

На седницата на Советот за безбедност, во проширен состав, присуствуваа претседателот на Собранието Трајко Вељаноски, премиерот Никола Груевски, министрите за одбрана, за внатрешни работи и за надворешни работи, Зоран Јолевски, Гордана Јанкулоска и Никола Попоски, членовите на СБ Вели Креци, Фљора Кадриу и Насер Сејдини, како и претседателот на СДСМ, Зоран Заев, Талат Џафери од ДУИ и Имер Алиу од ДПА.

Согласно член 12 од Деловникот за работа на Советот за безбедност, оваа седница, како што стои на веб-страницата на шефот на државата, е свикана без претходно доставување покана, предлог на дневниот ред и материјал за седница.

Согласно член 15 од од Деловникот за работа на Советот за безбедност на оваа седница на Советот беа поканети да учествуваат и лидерите на политичките партии кои можат да придонесат за сестрано и квалитетно разгледување за прашањата кои ќе се разгледуваат.

Седницата на Советот за безбедност, претседателот Иванов ја свика по упадот на терористичка група во кумановската населба „Тоде Мендол“ и акцијата на полицијата, во која загинаа осуммина нејзини припадници.