Законот за електронски комуникации ќе поттикне ефикасни инвестиции и иновации

Министерството за информатичко општество и администрација денес ја организираше третата по ред јавна расправа по однос на донесувањето на новиот Закон за електронски комуникации. Како што рече во своето воведно обраќање министерот Иво Ивановски, сите предлози, коментари и забелешки кои беа доставени беа поставени на страницата e-demokratija.mk, со што беше овозможено секој да има можност да ги анализира доставените предлози од сите заинтересирани страни.

„Доставени беа  вкупно 282 предлози и  коментари од страна на оператори, државни институции и регулаторни тела, од кои прифатени беа 120. Врз основа на добиените предлози,  Министерството за информатичко општество и администрација во соработка со Агенцијата за електронски комуникации подготви нов предлог-текст на Законот за електронски комуникации, кој на веб страната ener.gov.mk беше поставен на деветти јануари оваа година. За истото беа известени заинтересираните страни, како би имале можност времено да го анализираат новиот предлог“,рече Ивановски.

Новиот закон беше изработен во насока на обезбедување на одржлива ефикасна конкуренција на пазарот за електронски комуникации, регулаторна предвидливост, прецизни и транспарентни правила за регулација на пазарот, како и овозможување на едноставни процедури за влез во бизнисот на електронски комуникации и намалување на трошоците за операторите.

„Законот ќе обезбеди поттикнување на ефикасни инвестиции и иновации во нови и современи инфраструктури, особено за следните генерации бродбенд мрежи, како на државно, така и на ниво на локална самоуправа. Покрај ова и гарантирање дека крајните корисници, вклучувајќи ги и лицата со инвалидитет, старите лица и лицата со посебни социјални потреби ќе добиваат максимална корист што се однесува до изборот, цената и квалитетот“, додаде Ивановски.

На денешната јавна расправа учествуваа претставници на мобилни и кабелски оператори, на Агенцијата за електронски комуникации, Советот за радиодифузија и други.