Законот за информативни и рекламни кампањи на јавните институции пред пратениците

Собранието на Република Македонија денеска ќе ја одржи 114-та седница на која ќе расправа по предлог законите за информативни и рекламни кампањи на јавните институции, за изменување и дополнување на Законот за Народниот правобранител и на Законот за Државниот инспекторат за земјоделство, сите во прво читање.

На дневниот ред се и предлог-законите за изменување и дополнување на Законот за студентскиот стандард, на Законот за јавен долг и на Законот за просторно и урбанистичко планирање, по скратена постапка.

Пратениците се очекува да расправаат и по Предлог-законот за изменување на Законот за престанување на важење на законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност, по скратена постапка, поднесен од координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугарески.

На оваа седница, како што е најавено, треба да се дискутира и по предлог-законите за дополнување на Законот за јавните патишта, на Законот за буџетите и на Законот за земјоделство и рурален развој, сите по скратена постапка.