Македонија

Законските измени ќе ја зголемат безбедноста на храната

Законските измени ќе ја зголемат безбедноста на храната

Македонија не треба да брза со усогласувањето на Законот за безбедност на храна со европската регулатива во оваа област, туку треба да ја има предвид состојбата со економијата во земјата, ова беше истакнато на денешната јавна расправа во собраниската Комисија за европски прашања, на која учествуваа и членовите на матичната Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство и на Националниот совет за евроинтеграции.

Во воведното излагање заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадинов истакна дека со Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храна се врши усогласување на домашната со регулативата на ЕУ и се допрецизираат одредбите  за информациите за храната кои треба да се обезбедат за крајните потрошувачи, како и одговорностите на операторите со храна за информациите поврзани со содржината на храната, односно нејзиното означување.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Поповски, меѓу друго, ги посочи новините кои ги носи овој закон како што се формирање Комитет за внатрешна ревизија на официјалните контроли, воспоставување национален совет за безбедност на храна и храна за животни како и  мрежа за собирање податоци и база на податоци, а се уредува и работата на лабораториите за вршењето на лабораториски испитувања и анализа на храната и храната за животни.

Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ побара да не се пролонгира обврската за означување на храната која се става во промет, како и за начинот на означување, бидејќи тоа е вели во интерес на потрошувачите.

Марија Лончар од Организацијата на потрошувачите го поздрави носењето на законот. Оцени дека законските решенија во целост треба да се применат и да нема правилници, како и дека е потребен преоден период за негова имплементација бидејќи вели, примената ќе донесе проблеми кај операторите на храна.

Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за безбедност на храна го помина првото читање во Собранието. Рокот за поднесување амандмани на законот истекува утре за кога е закажана седница на матичната собраниска комисија на која на дневен ред е второ читање на Предлог законот.