Законските измени ќе ја зголемат социјалната сигурност на хонорарците

Девет гранкови синдикати при Конфедерацијата на слободни синдикати денеска дадоа поддршка на законските измени за задолжително осигурување на хонорарите и договорите за дела што ќе почнат да се применуваат од 1 јануари.

Според нив, со овие измени ќе се заштитат работничките права во делот на остварувањето на правото за пензиско и здравствено осигурување.

– Дополнително хонорарците или оние кои имаат договори на дело ќе можат да си го докупат или да ги одработат годините кои недостасуваат за стекнување на услови за старосна пензија. Пред се, ќе се заштитат работниците од злоупотреба на плати од помал износ, а остатокот со авторски договор, истакна на прес-конференција генералниот секретар на КСС Љубе Стојковски.

Синдикатите очекуваат дека со оваа мерка драстично ќе се зголеми официјалната вработеност во државата.

Деветте гранкови синдикати кои денеска дадоа поддршка на законските измени се синдикатите за транспорт и врски, за администрација и државни управи, за енергетика, рударство и индустрија, на пошта и телекомуникациски оператори, на пожарникарите, на одбраната, за земјоделство и за угостителство и туризам.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.