Заменик амбасадорот Бејли повикан во македонското МНР

Денес во Министерството за надворешни работи на Република Македонија беше повикан заменик амбасадорот на САД во Република Македонија, при што беше изразена загриженост поради несоодветното ословување на припадниците на македонското мнозинско население како “Словени“ од страна на новоименуваниот амбасадор на САД во Република Македонија, Џес Линпинкот Бејли, во Комитетот за надворешни односи на американскиот Сенат при неговото сослушување оддржано на 17 септември 2014г.

Ваквото ословување го доведува во прашање идентитетот и ги повредува чувствата на македонскиот народ. Едновремено, несоодветното ословување на македонскиот народ би можело да има негативни импликации на надворешен и внатрешно-политички план.