Заменик министерот за надворешни работи на самит на ПСЈИЕ

Делегација на Република Македонија предводена од заменик министерот за надворешни работи Драгана Кипријановска, денеска во Тирана ќе учествува на Самитот на шефови на држави и влади на земјите-членки на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).

МНР соопшти дека Кипријановска ќе има обраќање на собирот во кое ќе ги изнесе погледите на Република Македонија во однос на унапредувањето на регионалната соработка, особено во форматот на ПСЈИЕ, како и мислења за актуелните случувања во регионот и можностите за развој на регионалната соработка.

За време на Самитот, кој одбележува и крај на претседавањето на Република Албанија со ПСЈИЕ, се очекува да бидат усвоени завршна декларација и Годишниот извештај на Регионалниот совет за соработка 2014-2015, како и да биде одобрено назначувањето, односно ре-изборот на Горан Свилановиќ за генерален секретар на РСС со седиште во Сараево.