Заменик министерот за здравство на регионална конференција за репродуктивно здравје

Заменик министерот за здравство, Јовица Андовски, присуствува на регионалната конференција за подобрување на репродуктивното здравје во регионот, која се одржува од 27 – 29 мај во Софија, Република Бугарија, во организација на Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА).

На конференцијата учествуваат високи претставници и експерти од повеќе земји од регионот на Источна Европа и Централна Азија. Фокусот на дискусиите ги опфаќа заложбите во областа на сексуалното и репродуктивно здравје во насока на постигнување одржлив развој, унапредување на здравствените услуги во оваа област, како и превенција од заболувања преку здрави животни стилови.

Во своето вчерашно обраќање пред присутните на конференцијата, заменик министерот за здравство ја истакна добрата соработката со Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), која во последните две години е интензивирана со системски приод кон подобрување на услугите, со што се постигнати значајни резултати во областа на репродуктивното здравје.

Foto 3

Заменик министерот потенцираше дека со потпишувањето двегодишен Меморандум за разбирање со УНФПА, спроведени се повеќе значајни мерки, меѓу кои воведувањето минимален пакет на услуги за репродуктивно здравје во услови на кризи. Воедно, беше потенцирана континуираната поддршка од УНФПА за изработка, примена и ревизија на упатствата од медицина базирана на докази, следење на сексуално преносливите инфекции, унапредување на услугите за семејно планирање, како и зајакнување на одговорот на здравствениот систем при појава на семејно насилство.

Во рамки на обраќањето, заменик министерот Андовски се осврна и на мерките на Министерството за здравство за унапредување на здравјето на мајките и новороденчињата, меѓу кои: обезбедување бесплатни таблети со фолна киселина и јод за сите бремени жени во насока на намалување на процентот на анемии и предвремени породувања, како и процентот на деца родени со ниска родилна тежина, договорената соработка со Универзитетската болница „Мајчин дом“–Софија со посебен фокус на едукација и стручно доусовршување на македонските доктори во областа на неонатологијата, како и воведената електронска мајчина книшка во рамки на системот МојТермин, со цел прецизно следење и контрола на бременоста и заштита на здравјето на мајката и новороденчето.