Западот мора да се дистанцира од Москва на подолг рок

Западните земји мора да бидат подготвени на дистанцирање од Русија на подолг рок и не смеат брзо да ги нормализираат односите со Москва, како што тоа го направија по војната во Грузија во 2008 година, изјави денеска заменикот генерален секретар на НАТО, Александер Вершбоу, пренесува МИА.

– Нашата стратегија мора да се базира на трпеливост и доследност. Русија очекува да се откажеме од санкциите и да се вратиме на нормалната соработка, а таа при тоа да не го промени своето однесување, рече Вершбоу во обраќање на меѓународна политичка конференција во Осло.

Според него, Русија се надева дека Западот и во овој случај ќе се однесува како по августовската војна меѓу Русија и Грузија во 2008 година и дека набрзо ќе ги нормализира односите со Москва.

– Но, овој пат мора да останеме на патот што го зацртавме, додаде Вершбоу, кој е поранешен американски амбасадор во Москва.

Вершбоу нагласи дека НАТО не сака судир со Русија и дека целта на западните санкции не е промена на режимот во Москва.

– Ние само сакаме Москва да го промени своето однесување и да се врати на духот на соработката. Тоа би можело да потрае и затоа повикуваме на стратешка трпеливост, бидејќи мислам дека немаме друга алтернатива, додаде вториот човек на НАТО.

Според Вершбоу, од повторното враќање на Владимир Путин на претседателската функција во 2012 година, Русија остава впечаток како да сака да се издвои од Европа, да го зацврсти своето влијание во соседните земји и да се обиде да изгради групации што би биле алтернатива на западните.

– Со изведување чести и ненајавени воени вежби, како онаа што сега се одржува во реонот на Калињинград, по се изгледа Русија е решена да изненадува, шокира и заплашува, нагласи Вершбоу во обраќањето на собирот во Осло.