НБА: Рекорден број поени на Олстар мечот во кој Западот го совлада Истокот

Кошаркарите на Запад остварија победа на ноќешниот „Ол стар“ натпревар во НБА лигата против колегите од Исток со 163:158.

Натпреварот изобилуваше со „тројки“, па така Запад постигна 25, а Исток 23. Најмногу во двата тима по седум постигнаа Џејмс Харден (Запад) и Кајл Корвер (Исток).

Признанието МВП (најкорисен играч) го освои кошаркарот на Оклахома Сити Расел Вестбрук, кој натпреварот го заврши со 41 поен од кои 27 ги постигна во првиот дел.

Вестбрук имаше шут од игра 16 од 28. Тој остана на чекор од рекордот на Вилт Чемберлен, кој во 1962 година постигна 42 поена на „Ол стар“ натпреварот.

Харден натпреварот го заврши со 29 поени, додека најефикасен на Исток беше Леброн Џејмс со 30 поени.

64.то издание на дуелот на „сите ѕвезди“ се одигра во „Медисон Сквер гарден“ во Њујорк, следната година град домаќин е Торонто.