Свет

Западот против руската нацрт резолуција во Украина

Западот против руската нацрт резолуција во Украина

Руската нацрт резолуција со која се бара моментален прекин на огнот во Украина и хуманитарен коридор, наиде на критики од Западот и студен прием во Советот на безбедност.

Русија истапи со тој документ на почетокот на едномесечното претседавање со Советот на безбедност, пренесува АФП.

Стејт департментот тоа го нарече лицемерие со оглед на тоа што Русија, според неговите тврдења, не направила ништо за да ги спречи сепаратистите во Украина да напаѓаат постојано нови цели и да ги држат набљудувачите на ОБСЕ како заложници.

Во руската нацрт резолуција, представена во понеделникот пред Советот на безбедност, се бара „ моментален прекин на непријателството“, а на оние кои учествуваат во борбите се апелира да се ангажираат на „одржлив прекин на огнот“.

Британскиот амбасадор Марк Лајал Грант изјавил за новинарите после едночасовните затворени консултации дека има малку поддршка за рускиот нацрт онаков каков што е.

„Нема недостаток на храна, нема опсада на градовите така што не е сосема јасно со што би било оправдано создавањето на хуманитарни коридори“, смета Грант.

Москва четири пати ставаше вето на резолуцијата на Западот за Сирија.

„После отпорот за било каква разумна акција по повод хуманитарните проблеми во Сирија,  да се предложи нешто за Украина во најмала рака е иронично“ изјавила литванската амбасадоркса Рајмонда Мурмакаите по повод рускиот нацрт.

Според неа, работите брзо би се решиле кога Русија би се одрекла од бунтовниците и би престанала да ги снабдува и финансира.

Рускиот амбасадор во ОН, Виталиј Чуркин истакнува дека нацрт резолуцијата наишла на позитивни реакции и поддршка, но дека Москва сеуште не донела таква одлука за своите понатамошни чекори во поглед на нејзината работа на текстот на резолуцијата.

Чуркин одбива повлекување на паралела меѓу Украина и Сирија, истакнувајќи дека Русија би поддржала локален споразум за хуманитарните коридори во Сирија.