Запалена цигара предизвика пожар на Детска клиника

Пожарот на Клиниката за детски болести, што се случи синоќа околу 20 часот,  бил предизвикан од неизгасен отпушок. цигара.

Малолетна мајка од Шуто Оризари чие бебе било хоспитализирано во болницата запалила цигара во оставата на петтиот кат, која вработените ја користеле како магацин. На излегување не ја изгаснала добро цигарата по што се избувнал оган. Во пожарот предизвикана е помала материјална штета, запалена е една инвалидска количка и два душеци, но со брза реакција на вработените огнот брзо е локализиран, велат од Детската клиника.

Чадот вчера вечер предизвикал паника меѓу родителите и персоналот на клиниката, интервенирале и екипи на противпожарната заштита. Ниту едно од хоспитализираните деца не било доведено во опасност.

Од скопската противпожарна единица велат дека среќа било што пожарот навреме е локализиран, бидејќи во болницата има опасни хемикалии и кислородна инсталација, која ако се запалела ќе направела невидени последици.