Свет

Запленет 1,1 тон кокаин во Шпанија

Запленет 1,1 тон кокаин во Шпанија

Српската, шпанската и хрватската полиција во заедничка акција запленија 1,1 тон кокаин, што е една од најголемите заплени на оваа дрога во последните неколку години, изјави денеска српскиот министер за внатрешни работи Небојша Стефановиќ.

– На јахтата „Амстердамер“, во шпанските територијални води, во специјално направени бункери се пронајдени 1,1 тон кокаин, што бил превезуван од Јужна Америка за Западна Европа, објасни Стефановиќ и додаде дека во акцијата се уапсени три лица, од кои еден е српски државјанин и двајца се државјани на Хрватска, заради постоење на основано сомнение дека на јахтата криумчареле кокаин.

Вредноста на запленетиот кокаин се проценува на 44 милони евра, соопшти српското МВР и истакна дека во рамки на акцијата, истиот ден во Валенсија се уапсени повеќе лица припадници на оваа криминална група.

Стефановиќ истакна дека тоа била една од најголемите заеднички акции на трите полиции што била насочена кон спречување на шверцот на големи количества дрога, што од Јужна Америка се префрла во Европа.