Македонија

Запленетата јахта на Трифун Костовски денеска лови шверцери кај Радожда

Запленетата јахта на Трифун Костовски денеска лови шверцери кај Радожда

Kајчиња натоварени со кафе и алкохол, но неретко и со цигари и со дрога се обидуваат неприметно да ја минат границата од Албанија во Македонија по Охридското Езеро, пишува Дневник. Најчеста локација од каде што тргнуваат шверцерите е пограничното село Лим во Албанија, а крајната дестинација и најблиската точка до земјава е село Радожда.

Сепак овој дел од државната граница секојдневно го обезбедуваат припадниците на Езерската полиција, кои патролираат со глисери, јахти и со скутери на вода. Езерската полиција од лани ја користи и јахтата што му беше запленета на бизнисменот Трифун Kостовски поради неплатена царина. Денес со јахтата вредна 100.000 евра се ловат шверцери, но и се спасуваат давеници, а некогаш се превезуваат и ВИП-личности.

Припадниците на езерската полиција велат дека постојано се во вода и се грижат за максимална безбедност на граничната линија, а го регулираат и сообраќајот на вода. Тие се дел од граничната полиција и ја контролираат сината линија, односно границата по водената површина на езерото.

Најмногу се шверцува алкохол

Полицајците од оваа единица ни велат дека ја знаат секоја педа од езерото, од Радожда до Свети Наум. Државната граница со Албанија е долга 28 километри. Површината на езерото ја контролираат со глисери, јахти и со скутери на вода. Овие полицајци се обучени за извлекување давеници и за давање прва помош.

Новинарската екипа на „Дневник“ ја посети полициската станица за граничен надзор- Охридско Езеро, сместена кај каналот Билјанини извори, на самиот брег на езерото. Н` пречека Миле Kолевски, командир и самостоен инспектор на ПС за граничен надзор на Охридското Езеро. Најмногу н` интересираше шверцот по водната гранична линија.

– Можноста за шверц е најголема кај струшкото село Радожда. Меѓу Радожда и пограничното албанско село Лим има само 100 метри и станува збор за чист терен. Поради тоа често го контролираме струшкото крајбреже, иако за тој дел е надлежна полициската станица Франгово – вели Kолевски.

Додава дека езерската површина често се контролира и во зависност од сознанијата со кои располагаат. Ако временските услови не одговараат, и веројатноста да има шверц по воден пат е мала.

– Најмногу се шверцуваат алкохол, кафе, цигари, но сме откривале и шверц на наркотици – вели Kолевски.

Езерската полиција е заслужна за откривањето 300 килограми марихуана, кои со кајче биле пренесени од албанското крајбрежје до струшкото село Радожда. Тие добиле оперативни информации дека се подготвува шверц на поголема количина дрога. Веднаш поставиле заседа на теренот и чекале. Бидејќи постоела можност акцијата да пропадне ако шверцерите се апсат на вода, односно да ја фрлат дрогата во вода, акцијата за апсење се одвивала на копно, откако дрогата била изнесена од кајчето. На самото место фатиле полицаец од Kичево и негов сограѓанин додека се обидувале торбите со 300 килограми дрога да ги натоварат во автомобил.

Работењето на оваа полициска станица најмногу доаѓа до израз преку мерките преземени од другите структури на МВР.

– Станува збор за отворен простор на езерото, односно криминалецот може да ја забележи полицијата и да се ослободи од товарот што сака да го прошверцува. На пример, ако пренесува дрога, става олово во торбата каде што е дрогата и ако шверцерот ја забележи полицијата, ја фрла торбата во вода за да потоне – вели Мујо Бесим, самостоен инспекторот за граничен надзор во Регионалниот центар за гранични работи – Запад.

Рибокрадците го чекаат мрестот

Освен шверцот, на Охридското Езеро најзастапено е рибокрадството. Најчесто го вршат државјани на Албанија, кои илегално навлегуваат на македонскиот дел од езерото.

Во летниот период најмногу проблем им прават возачите на скутери и чамци, а во зима, рибокрадците. Велат дека во минатите години имало повеќе проблеми со несовесните возачи на пловни објекти, но во минатата година не биле забележани поголеми инциденти.

Рибокрадците најмногу ги има во зимскиот период и во пролет, кога се мрести рибата.

Иако Охридското Езеро има концесионер, кој го стопанисува рибниот фонд, и рибочувари, полицајците излегуваат на терен во лов на рибокрадците. Ако затекнат мрежи што не се препознатливи за концесионерот, веднаш ги запленуваат.

Мрежите најчесто ги поставуваат во близина на трски, бидејќи таму водата е потопла и рибата најмногу се мрести. Рибокрадците се најзастапени кај селата Трпејца и Пештани, а кражбите најчесто се извршуваат наутро.

Има рибокрадци кои со кајче од Албанија доаѓаат на македонскиот дел од езерото да ловат риба, и кога ќе бидат откриени, се правдаат дека не знаат оти ја преминале границата, односно дека ветерот ги донел на македонскиот дел од езерото. Неофицијално, запленетата риба истиот ден се продава во хотел во Охрид, кој според законот потоа исплаќа пари на сметката на МВР.

Најпроблематични се скутерџиите

Големиот глисер „бајлинер трофи“, со кој се возевме, има мотор со 5.000 кубни сантиметри и лесно постигнува брзина поголема од 50 километри на час. Со полицајците Петар и Стефан заминавме на терен по езерото. Набргу наидовме на чамец што го управуваа двајца туристи. Полицаецот сигнализира дека треба да го сопрат чамецот, а потоа глисерот се доближи до чамецот. Полицаецот им побара лични документи, дозвола за управување и документ дека пловниот објект е регистриран. Откако беше утврдено дека е с` во ред, полицајците ги поздравија двајцата туристи.

– Со стартот на летната сезона ќе се зголеми и бројот на пловните објекти по езерото и ќе имаме полни раце работа. Од оваа година новина е тоа што со измените во Законот за внатрешната пловидба, пловниот објект ќе биде одземен ако управуван без дозвола – велат полицајците.

Според нашите соговорници, најпроблематични се скутерџиите, а најнесовесни возачи на чамци и глисери се скопјани. Тие најчесто ги управуваат глисерите или чамците без положен испит или нерегистрирани.

Полицајците велат дека во лето е навистина убаво, но кога температурите се под нулата не е пријатно да си сред езеро или под вода.

– И кога е ладно и кога временските услови се лоши, редовно ги извршуваме нашите задолжителни работни задачи на вода. Опремени сме со заштитни водоотпорни скафандери, и заштитна опрема од вода и за спасување од оружје – вели полицаецот.

извор: Дневник