Запленети 12 килограми марихуана во полициската акција „Мрежа“

Министерството за внатрешни работи, во рамки на оперативната акција „Мрежа“ за сузбивање трговија со дрога, реалзираше три одвоени случаи на недозволена трговија со дрога при што запленети скоро 12 килограми марихуана. Полицијата поднесе кривична пријава против осум лица поради постоење основи на сомнение дека сториле кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” предвидено и казниво по Кривичниот законик на Македонија.

Како што информираат од МВР, во првиот случај на 27 септември во 22,50  часот  на патарината Тетово, патен правец Тетово-Гостивар од страна на полициски службеници при обид да се сопре патничко моторно возило марка “Фолксваген Фајтон“ со скопски регистарски ознаки не застанало, односно ја пробило рампата на патарината по што од страна на друга полициска екипа возилото е запрено. По извршен преглед над возилото,кое го управувал Џ.Б. (27) од Студеничани, Скопско, а совозач бил Р.Џ. (27), исто така, од Студеничани, во задниот дел, поточно на подот позади совозачкото седиште, пронајдена е една најлонска вреќа бела боја во која имало четири полиетиленски пакувања облепени со кафена самолеплива лента исполенти со растителна материја со зелена боја во тежина од околу шест килограми.  Одземената растителна материја е предадена во Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР на РМ каде што е констатирано дека се работи за опојна дрога марихуана.

Во вториот случај запленети се околу три килограми марихуана и од слобода се лишени три лица, додека уште две други лица во моментов се недостапни на органите на прогон. Имено од слобода се лишени лицата И.Ш.(30) и С.А.(24) и двајцата од Скопје, а со заплената се поврзува и А.К.(37) од село Кондово кој во моментов  се наоѓа на издржување казна затвор.

Според добиените сознанија А.К., Р.Е. (43) од село Арачиново и С.Б.(33) од село Глумово во втората половина на овој месец од Косово набавиле наркотична дрога марихуана со цел истата да ја препродадат и да се стекнат со противправна имотна корист.  За таа цел завчера по претходен договор со намера да ја продадат набавената дрога-марихуана за што И.Ш. од Скопје, по инструкции на С.Б. оди во село Арачиново од каде ја презема наркотичната дрога по што ја сокрил во неговиот дом, со намера веднаш да ја продаде на непознато лице, а со цел да се стекне со противправна имотна корист. Од страна на полициски службеници по претходно изготвен план беа преземни мерки и активности  на подрачје на Скопје  при што околу 19,00 часот на ул. Партизанска бил забележан И.Ш., како управува патничко моторно возило марка „БМВ„ сребрена боја со скопски регистарски ознаки, истиот е  легитимиран, по што по наредба на судија на претходна постапка извршен е претрес во неговиот дом.

При извршен претрес во домот на лицето пронајдени се шест пакувања со правоаголна форма, обвиткани со најлонска фолија, исполнети со непозната растителна материја, од кои едното пакување било веќе отворено, дигитална вага марка „Адлер„,  мало полиетиленско пакување со жолта боја исполнето  со непозната растителна материја, како и 69 пакувања облепени во црвени полиетиленски ќеси, исполнети со непозната растителна материја, 61 пакувања облепени со црвена полиетиленски кеси, исполнети со непозната материја црна боја, метална дробилка, парче од огледало со остатоци од бела прашкаста материја, метална чинија со остатоци од бела прашкаста материја помали пакувања наменети за продажба на мало.

Во тек е превземање дополнителни мерки и активности за пронаоѓање на С.Б. и Е.Р. кои се поврзуваат со горенаведената заплена заради  целосно комплетирање и расчистување на случајот.

Одземената растителна материја е предадена во Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при МВР и констатирано е дека се работи за околу три килограми мрихуана.

До  ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција поднесена е кривична пријава против лицата А.К., Е.Р., С.Б., И.Ш.  и  А.С. сите од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” предвидено и казниво  од Кривичниот законик на Р. Македонија.

Во третиот случај на 24-ти овој месец на патниот правец Прилеп-Скопје при рутинска контрола запрено е патничко моторно возило “Ауди А6“ со бугарски регистарски ознаки управувано од К.К.(37), од  село Чифлик, општина Чешиново Облешево. При извршената контрола на возилото во предниот дел од хаубата пронајдени се три поголеми паковки со растителна зелена материја спакувани во најлонски кеси. Од извршената анализа на пронајдените паковки, констатирано е дека растителниот материјал претставува компримирани исушени делумно здробени врвни делови – кои потекнуваат од растението  канабис сатива со маса од околу 2,9 килограми. Полициската станица – Прилеп до ОЈО Прилеп поднесе кривична пријава против К.К. за што од страна на судија на предходна постапка на лицето му е одредена мерка притвор во траење до 30 дена