Запленети 3,5 тони албанска марихуана

Над 3,5 тони марихуана произведена во јужниот дел на Албанија, главно во познатото село Лазарат, се запленети во Италија, во Албанија и во Грција за време на викендот, јави дописникот на МИА од Тирана.

Во сите случаи уапсените лица се Албанци. Два тона албанска марихуана се запленети од страна на италијанската полиција на автопатот А1 во Фросиноне. Големата пратка со марихуана требало да стигне во Рим, била натоварена во камион со кој управувал албански државјанин. Истата до италијанскиот брег стигнала со траект.

Шефот на полицијата во Форисноне, Џузепе Де Матеис изјави дека тоа е најголема пратка запленета од тамошната полиција.

Во истовреме во градот Варесе запленети се два килограми марихуана, во Милано 37 килограми, додека во Марте 18 килограми. Во сите случаи шверцери се албански државјани.

Во Ровиго пак уапсени се двајца Албанци со 10 килограми кокаин скриен во тркала од автомобил.

Албанската полиција, во три одделени акции заплени над 700 килограми марихуана. Во двете акции на полицијата од Корча запленети се 600, додека тиранската полиција заплени 123 килограми.

Полицата од Игуменица разбила организирана нарко група, раководена од 39-годишен Грк, а ја сочинувале и осум Албанци на возраст од 22 до 35 години. При акцијата запленети се 323 килограми марихуана, пиштол, автомобил и три мобилни телефони.

Во одделна акција запленети се други 38 килограми на преминот Какавија.