Запленети 3.520 килограми нелегално откупен тутун

Државниот инспекторат за земјоделство регистрирал нелегален откуп на тутун. Вчера во рамки на неговите активности се запленети 3.520 килограми нелегално откупен тутун.

Ова денеска го истакна директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Румен Стаменов при посетата на Делчево.

Тој ги повика тутунарите да не го предаваат тутунот пред стартот на откупната сезона.

– Забележана е илегална продажба на тутун, а согласно со законот, откупот на тутунот не може да почне пред 15 ноември, а најдоцна до 15 декемри. Вчера во активностите на Инспекторатот запленети се 3.520 килограми нелегално откупен титун и јасно кажувам дека нема да се дојде до саканите субвенции, бидејќи овој тутун се предава на црниот пазар, потенцираше Стаменов.

Исто така, директорот на Инспекторатот испрати порака и до компаниите кои вршат откуп на тутунот дека државата нема да дозволи да се излезе од рамките на законските одредби при откуп на тутунот.

– Исто така, аплеирам до компаниите да не почнуваат предвреме со откуп, бидејќи немаме уште мерила и мостри изработени до страна на Министерството, Сојузот на тутунарите, Институтот за тутун од Прилеп и никако нема да дозволиме да се излезе од рамките на законите, додаде Стаменов.