Запленети девизи, виагра, техничка роба, модни додатоци…

Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани девизи, таблети виагра, техничка стока, модни додатоци, козметички производи, мемориски картички, ловечка муниција, нутритивни додатоци на исхраната и фалсификати. Покрај тоа откриен е и еден обид за влез на дизел гориво за кое постои забран за увоз.

На граничниот премин Богородица, при контрола на патничко моторно возило со српски  регистарски таблички и личен претрес на возачот – српски  државјанин, пријавен за влез во државата откриени се 19 700 евра.

Како што информираат од Царинската управа, во кеса од чипс, сместена на совозачкото седиште на возилото, во џеб од јакна сместена на задното седиште, и во џеб од панталоните на возачот, пронајдени се вкупно 29.700 евра. Согласно законските прописи, на патникот му се вратени 10.000 евра, износ што може слободно да се внесе во државата.

На граничниот премин Блаце, при контрола на патничко моторно возило со црногорски регистарски таблички, управувано од шведски државјанин, пријавено за влез во државата откриени се 346 таблети виагра.  На дното на патен куфер, сместен во багажниот простор на возилото, царинските службеници пронајдоа кеса со 4 кутивчиња со по 28 таблети марка Pfizer, 1 кутија Metformin Sandoz со 231 таблета марка Pfizer и 3 таблети марка Jaguar.

При контрола на патничко моторно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата на граничниот премин Табановце автопат биле откриени 90 автоматски прекинувачи марка PIZZATO и ERSCE, 21 сигурносни склопки марка AEG, SIEMENS и TELEMAKIQUE и 7 мерни инструменти марка IME RQ96E и F.C.Misure. Непријавената стока е пронајдена во две кутии сместени во задниот дел на багажниот простор на возилото.

Во два одвоени случаи на царинската испостава Аеродром Скопје-отсек за стоково царинење, при контрола на  стока пријавена за транзитна постапка, наменета за фирми од Косово откриени се 10 аудио плеери и една сребрена женска алка. Во првиот случај при контрола на стока со потекло од Хонг Конг, пронајдени се непријавени 10 аудио плеери, а во вториот случај при контрола на стока со потекло од Турција, пронајдена е 1 сребрена женска алка.

На скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патниот куфер на турски државјанин кој допатувал со лет од Истанбул откриени се фотоапарат марка NIKON D 810, 3 објективии марка NIKKOR LENS, 1 мобилен телефон iPhone 6 и 2 мемориски картички SanDisk Extreme 32GB, откриени.

На граничниот премин Богородица, при контрола на патничко  моторно возило со грчки  регистарски таблички, управувано од грчки државјанин, пријавено за влез во државата цариниците откриле 900 козметички производи (лак за нокти, пудри и лосион за тело) и 68 нараквици-бижутерија. Непријавената стока e пронајдена во 4 картонски кутии сместени во багажниот простор на возилото.

На скопскиот аеродром Александар Велики, при контрола на патниот куфер на турски државјанин кој допатувал со лет од Истанбул откриени се 17 рачни часовници од марките Carden, QF, SPORT 5 и WENOS.

На Железничката станица Гевгелија,  при контрола на патните торби на македонски државјанин кој се пријави за влез во државата како патник во меѓународен воз што сообраќал на релација Солун-Скопје-Белград откриени се 4,8 литри течни нутритивни додатоци за исхрана Kyani Sunset, Kyani Nytro FX и Kyani Nytro Xtreme, и 300 грама нутритивен додаток во капсули Kyani Sunset.

Дваесет и пет патрони ловечка муниција со калибар 12 и 16 mm, откриени на граничниот премин Делчево, при контрола на патничко возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Патроните se пронајдени во преградата од возачката врата и во фабричка преграда помеѓу предните седишта на возилото.

На граничниот премин Богородица, при контрола на товарно моторно возило со турски регистарски таблички пријавено за влез во државата откриени се 695 машки кошули со ознаки на заштитена трговска марка. Возилото било натоварено со разновидна стока со потекло од Tурција, наменета за фирма увозник од Косово. Пазарната вредност на кошулите, доколку би се продавале како оригинали, е проценета на околу 1,3 милиони денари.

Во два случаи на царинската испостава Аеродром-отсек за стоково царинење, при контрола на стока пријавена за транзитна постапка откриени се 288 батерии за мобилни телефони и 2 женски ташни со ознаки на заштитени трговски марки. Во првиот случај, при контрола на стока со потекло од Хонг Конг, откриени се 288 батерии за мобилни телефони, а во вториот случај, при контрола на стока со потекло од Турција, пронајдени се 2 женски ташни, за кои постои сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост. Во двата случаи стоката била наменета за фирми увозници од Косово.