Запленети околу 30 килограми марихуана на Богородица

Околу 30 килограми марихуана се запленети на граничниот премин Богородица. Дрогата била набавена во Албанија, а требало да стаса во Турција.

Во саботата околу 19 часот, на граничниот премин Богородица на излез од Р.Македонија сопрено било патничко моторно возило марка „Рено Меган Сценик“ со гостиварски регистарски ознаки управувано од Р.Н.(61), а сопственост на неговата сопруга.

Од страна на полициски и царинските службеници – мобилна царина од ГП „Богородица“ како резултат на истрагата и зајакнати мерки за гранична контрола извршен е преглед и претрес над возилото при што било употребено и службено куче од царинска управа на РМ, кое што покажало реакција за присуство на наркотична дрога во возилото. Притоа во него бил откриен специјално направен простор-бункер во долниот дел на подвозјето под седиштата на возилото, во кој пронајдени биле 30 пакувања обвиткани со алуминумска фолија исполнети со непозната растителна материја зелена боја и помало пакување обвиткано исто така со алуминиумска фолија исполнето со непозната растителна материја зелена боја, информира МВР.

Запленети околу 30 килограми марихуана на Богородица
Запленети околу 30 килограми марихуана на Богородица

Одземената растителна материја е предадена во Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења заради вештачење, при што било утврдено дека се работи за 29 килограми и 905,6 грама  марихуана.

Лицето од Албанија ја набавило дрогата, а требало да стаса во Турција

По преземени дополнителни мерки утврдено е дека Р.Н. од Р.Албанија неовластено ја набавил наркотичната дрога марихуана за цена од 15.000 евра заради натамошна препродажба, а крајна дестинација на истата  била Република Турција. Запленетата наркотична дрога на нарко пазарот на големо би достигнала цена од околу 100.000 евра.

Против Р.Н. поднесена е кривична пријава поради постоење основи на сомнение за сторено кривичното дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” предвидено и казниво по член 215  став 1 од Кривичниот законик на Р. Македонија.

Од страна на судија на претходна постапка на пријавениот му е одредена мерка притвор во траење од 30 дена.