ФОТО: Запленети речиси 2 тони режан тутун

Запленети речиси 2 тони режан тутун и спречен криминал тежок 2, 8 милиони денари.

Инспектори од Одделението за истраги при Царинската управа викендов спречија обид за пуштање во слободен промет на 1,7 тони режан тутун наменет за „црниот пазар” за кој не биле платени законски пропишаните давачки.

Како што информираат од Царинската управа, при контрола од страна на царински инспектори, извршена на 13.02.2016 година околу 18:40 часот на скопската обиколница, кај клучката за излез кон населбата Радишани сопрено е комбе марка Мерцедес Бенз 220 со македонски регистарски ознаки, управувано од македонски државјанин со иницијали Ш. А. од село Брест, општина Чучер Сандево.

При детален преглед, во товарниот простор на возилото пронајдени се 183 црни најлонски вреќи наполнети со режан тутун со вкупна тежина од 1.740 килограми. Од извршената проверка утврдено е дека лицето што го превезувало режаниот тутун не поседува никаква документација за набавка на истиот, ниту за платени давачки.

zaplena-tutun-1

Од преземените предистражни мерки и активности, утврдено е дека лицето го презело и го натоварило режаниот тутун во околината на селото Липково, Куманово, со намера да го пренесе до селото Блаце, за паричен надомест од 170 евра. Покрај тоа, утврдено е дека регистарските ознаки пронајдени на возилото не припаѓаат на истото, односно се незаконски наместени на товарното возило. Утврдено е дека за тутунот кој бил наменет за „црниот пазар” не се платени законски пропишаните давачки.

Вкупниот износот на неплатена акциза за запленетите 1.740 килограми режан тутун е скоро 2,8 милиони денари.

По завршување на  предистражната постапка и комплетирање на сите докази  Царинската управа на Република Македонија против осомничениот ќе поднесе кривична пријава за сторени кривични дела „недозволено пренесување на акцизно добро односно стока“ и „фалсификување исправа“.