Македонија,Економија

Започна бербата на праски во Росоман

Започна бербата на праски во Росоман

Со симболично откинување на првата праска на плантажите на „Душан Ќириќ“ во Росоман денеска и официјално започна бербата на праски во најголемиот регион за производство на овој вид овошје во Македонија, Црноречието, пишува Утрински весник. Земјоделците на стартот се задоволни од откупната цена и се надеваат дека до крајот на бербата ќе имаат добра цена за сите сорти.

Во моментов се врши берба на сортата „Спринтајм“ која е застапена на помали површини во росоманско. Работи само еден откупен пункт и не се бележат проблеми при откупот.

„Два шлепера веќе се извезени. Има и ситни откупувачи кои ја пласираат на Косово и на пазарите во Македонија. Цената е задоволителна за оваа прва сорта. Се надевам дека ќе има добар тренд цената и во наредниот период. Најчесто росоманската праска завршува на рускиот пазар . Се надеваме на зголемен извоз и зголемена цена, а со тоа да се зголемат и површините. Како бренд росоманската праска очекуваме да се пласира и на европскиот пазар“ рече градоначалникот на Росоман, Стојанче Лазов, кој ја најави и манифестацијата „Духовден – Праскобер 2014“ која се одржува во чест на празникот Духовден и почетокот на берба на праски.

Земјоделското претпријатие „Душан Ќириќ“ каде праската се одгледува на големи површини очекува годинава квалитетен род . Се проценува дека родот годинава ќе тежи околу 3000 тони.

„Започнавме со берба крајот на мај, и праски ќе се берат се до крајот на август. Најголемиот дел од нашето производство оди за Русија, Белорусија. Чешка, Хрватска, Босна и Словенија. Имаме најави и за Германија“ рече Ќиро Шошев, сопственик на „Душан Ќириќ.