Започна циклусот обуки во рамки на програмата за самовработување

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Владимир Пешевски, денеска во Агенцијата за вработување на Република Македонија се обрати пред учесниците на Обуката за „Претприемништво и бизнис планирање“ со што се означи започнувањето на циклусот на обуки во рамките на Програмата „Самовработување 2014 година“.

Целта на оваа програма е да се намали невработеноста преку обучување и стимулирање на невработените лица за отпочнување на сопствени бизниси. Програмата опфаќа запознавање на заинтересираните невработени лица со основите на претприемништвото, обука за изготвување на одржливи бизнис планови, помош при регистрација на сопствен бизнис и финансиска поддршка за започнување на бизнисот или финансиска поддршка за постојни бизниси на евидентирани невработени лица кои имаат искуство во вршење на дејноста.

„Ова е еден од проектите кој има особена поддршка и залагање од страна на Владата. Во периодот од 2007 до 2013 преку Програмата за самовработување беа формирани вкупно 5.835 микро бизниси, што укажува дека е направен значаен чекор во насока на намалување на невработноста. Особено сме задоволни од стапката на одржливост на отворените бизниси, која за овој период изнесува близу 75 отсто“, изјави Пешевски.

Според вицепремиерот овој проект, за кој интересот е се поголем, е еден вид на расадник на микро бизниси кои значително ќе помогнат во развојот на нашето стопанство.

„Податоците дека 25 отсто од отворените мали претпријатија обезбедуваат вработување и за трети лица, како и тоа дека секое четврто претпријатие е формирано од младо лице до 27 години, претставуваат дополнителен поттик Владата да продолжи да ја зголемува подршката за оваа програма“, додаде Пешевски.

Изминатата година, во рамките на двата циклуси на програмата, близу 1.500 лица ја посетија обуката за претприемништво при што со помош на стручни деловни консултанти развија бизнис идеи. Најдобро оценетите 930 бизнис планови добија советодавна и финансиска неповратна поддршка за регистрација на фирма и набавка на опрема и материјали во износ од 3.000 евра.

Од 2007 до 2013 година обуката за „Претприемништво и бизнис планирање“ ја имаат посетено над 7.000 кандидати кои се имаат здобиено со знаења од областа на менаџментот, финансии, маркетинг, продажба и деловно планирање.

Оваа година преку Програмата за самовработување, за која се обезбедени над 200 милиони денари, се предвидува 950 невработени лица од евиденцијата на активни баратели на работа да добијат советодавна и финансиска неповратна поддршка. На најдобрите 50 бизнис планови им се нуди можност за дополнително едно вработување во рамките на нивното новоформирано претпријатие, односно дополнителна финaнсиска поддршка во износ од 1.500 евра.

Програмата Самовработување се реализира од страна на Министерството за труд и социјална политика, Агенцијата за вработување на Македонија, Агенцијата за поддршка на претприемништво и Програмата за развој на Обединетите Нации – УНДП.