Започна имплементација на ИПА проект за управување со отпад

Денеска, министерот за животна средина и просторно планирање, Абдилаќим Адеми и шефот на Делегацијата на ЕУ во Македонија, Аиво Орав, го означија отпочнувањето на ИПА проектот „Подготовка на регионални планови за управување со отпад и Стратешка оценка на влијанието за Источен и Североисточен регион“. Средства за реализација на проектот, во висина од 1,14 милиони евра се обезбедени преку оперативната програма за регионален развој, приоритетна оска три која се однесува на подобрување на инфраструктурата во животната средина.

Според Адеми, напорите на Министерството за животна средина и просторно планирање за усогласување на националното законодавство со европското се еминентни, а предизвикот е во имплементирањето на усвоената национална легислатива, област во која треба да се фокусира соработката и за која се очекува поддршка од ЕУ.

Во рамките на проектот ќе се продуцираат првите два регионални плана за управување со отпад и тоа за Источниот и за Североисточниот регион, кои всушност ќе бидат водечки документи за воспоставување на идната структура за процесот на имплементација на интегрираното регионално управување со отпад. Од друга страна интегрираното регионално управување со отпад е процес кој се очекува да биде предмет на промени и приспособувања, согласно барањата на праксата.
Проектот, според евроамбасадорот Орав, ќе даде свој продонес и во решавањето на проблемот со постоечките неконтролирани диви депонии, преку промовирање мерки и стратегии.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.