Започна изградбата на бункер за акцелератор во штипската Клиничка болница

Камен- темелник за изградба на бункер во кој што ќе биде сместен нов акцелератор, беше поставен денеска во присуство на министерот за здравство, Никола Тодоров, градоначалникот на Штип, Илчо Захариев, и директорот на Клиничката болница во Штип, Александар Стојановски.

Изградбата на овој бункер е инвестиција вредна 860 илјади евра, а според ресорниот министер, тој ќе биде изграден според сите стандарди, во кои што ќе биде сместен акцелератор за зрачење на заболени од малигни заболувања.

„Во рамки на Клиничката болница во Штип, минатата година се дијагностицирани над 1.300 пациенти со малигни заболувања, од кои околу 1.000 се дијагностицирани преку компјутерскиот томограф кој е во функција, а околу 300 дијагнози се на магнетната резонанца, која што исто така е инсталирана и е веќе во функција“, рече Тодоров, пренесе МИА.

Тој истакна дека на над 1.300 пациенти од источна Македонија на кои им е дијагностицирано одредено малигно заболување им е потребна терапија со зрачење на новиот акцелератор, а тие во моментов таа терапија ја добиваат во Клиничкиот центар во Скопје.

„Идејата е на најтешко болните лица да им се овозможи терапијата да ја добиваат во местото на живеење или во близина на местото на живеење. Во Штип е Клиничката болница и практично кон оваа болница гравитира населението од целиот исток“, рече Тодоров.

Потенцира дека акцелераторот веќе е набавен и Министерството за здравство има склучено договор за него, кој ќе биде доставен по изградбата на бункерот. Во рок од четири месеци, укажа министерот, очекувам да биде завршен бункерот за новиот акцелератор, по што ќе следи  калибрирање и други активности за негово монтирање.

Градоначалникот на општина Штип, Илчо Захариев истакна дека по старот на изградбата на автопатот Штип-Миладиновци денеска источна Македонија има и уште една вредна инвестиција во областа на здравство, а која е наменета за најтешко болните лица на кои им е дијагностицирано малигно заболување.

Директорот на Клиничката болница-Штип, Александар Стојановски рече дека со новиот линеарен акцелератор и новата апаратура ќе се подигне нивото на давање здравствени услуги за пациентите со малигни заболувања. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.