Започна изградбата на новиот водовод во Тетово

Започнаа градежните активности за реализација на втората фаза од изградбата на новиот водоснабдителен систем во Тетово.

На почетокот на градежните работи присуствуваа министерот за животна средина и просторно планирање, Нурхан Изаири, поранешниот министер од овој ресор, сега во образование и наука, Абдилаќим Адеми , како и градоначалникот на општина Тетово, Теута Арифи.

Ова е исклучително важен проект за жителите на Тетово и истиот треба да биде реализиран во рок од 16 месеци. За финансирање на проектот се обезбедени околу 114. 999. 913,00 денари.

Градоначалникот Арифи, истакна дека Владата за реализација на овој проект издвоила два милиони евра, кои се неопходни за продолжување со изградба на водоснабдителниот систем во Тетово. Таа потенцираше дека со реализација на проектот ќе се реши долгогодишниот проблем со водоснабдувањето за граѓаните на Тетово.

„Се работи за осум и пол километарски довод од собирна комора – “Лешница” до собирна комора – “Студена Река”, со што ќе се обезбедени дополнителни 200 литри вода во секунда, а градежните работи се изведуваат од страна на Друштвото за градежништво трговија и услуги НБ – КОМПАНИ ДОО експорт-импорт од Тетово“, рече Арифи.