„Коста Конкордија“ извлечен на површина

Италијанскиот крузер „Коста конкордија“ денеска успешно е одвоен од подводната платформа и сега плута по морето, откако изминатата година мируваше, соопштија работниците во операцијата на извлекување.

Бродот потоа ќе биде довлечен во своето матично пристаниште во Џенова, каде ќе биде исечен на парчиња.

Трошоците за извлекувањето на потонатиот брод досега се проценети на околу 1,1 милијарда евра.

Луксузниот италијански брод „Коста Конкордија“, пред повеќе од две ипол години доживеа несреќа кај островот Џилио при што загинаа 32 лица.

Бродот, двапати поголем од „Титаник“, удри во карпа во близина на малиот остров Џилио во јануари 2012 година. Со него патуваа 4.229 луѓе од 70 земји. Против капетанот на „Коста Конкордија“, Франческо Скетино моментно се води судска постапка под обвинение дека предизвикал бродолом и го напуштил бродот пред сите патници да бидат евакуирани.