Македонија

Започна кампањата „Интерактивни спортски и забавни игри“

Започна кампањата „Интерактивни спортски и забавни игри“

Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми и британскиот амбасадор Чарлс Гарет, во Битола ја промовираа кампањата „Интерактивни спортски и забавни игри“ како дел од проектот „Сите сме еднакви“. Целта на оваа кампања која стартуваше од основното училиште „Стив Наумов“, а е наменета за учениците од 6 до 11 години, е промоција на концептот тимска работа и фер игра, истакна Адеми.

„Преку заедничко дружење децата да учат за културните вредности на сите луѓе кои живеат во нашата држава, со што на наједноставен начин ќе ги совладуваат, а со тоа и ќе ги почитуваат сите сегменти на интегрираното општество. Во книгите од кои се учи во училиштата има теми за развојот на меѓучовечките, меѓукултурните, социјалните и општествени компетенции. Но многу е корисно да се дополнуваат знаењата и преку ваков воннаставен модел кој се состои од интерактивни и интердисциплинарни активности за едукација во области, како што е владеењето на правото, основните човекови права и почитувањето на различностите. Модел, кој е комплементарен со тековните училишни активности и кој ја надополнува тековната наставна програма“, рече Адеми.

Интерактивните спортски и забавни игри, ќе се реализираат во 21 училиште низ цела Македонија, и ќе опфатат 8.000 деца и 320 наставници од различна етничка припадност. Кампањата е поддржана од Министерството за образование и наука на Република Македонија, Британската амбасада, а е имплементирана од Здружението на граѓани „ОХО“.