Започна обуката на 440 кандидати за полицајци

Во Центарот за обука при БЈБ на МВР во Идризово вчера започна едногодишната обука на 440 кандидати за полициски службеници кои беа селектирани по објавениот конкурс за прием на 400 полициски службеници од октомври минатата одина.

Како што претходно беше информирана јавноста на конкурсот објавен на 07.10 минатата година за прием на 400 извршители на работно место “полицаец“ беа пријавени вкупно 5.503 кандидати.

По завршувањето на неколкуте фази на проверки во кои беа опфатени тестирања на физичките (моторички) способности на пријавените кандидати, потоа психо-образовни тестирања и соодветните здравствени проверки кои беа спроведени од средината на ноември до средината на декември минатата година од вкупниот број пријавени, по принципот на рангирање, беа избрани 440 кандидати кои што во наредните месеци ќе бидат обучувани во Центарот за обука на кадри од областа на безбедноста во Идризово. Притоа со овие кандидати е потпишан Договор за основна обука за полицаец во траење од една година започнувајќи од 15.01.2014 година.

При изборот особено се водеше сметка за националната и половата застапеност на кандидатите кои во текот на интернатската обуката ќе поминат три образовни модули – јавен ред и мир, сообраќај и гранични работи. Секој од модулите е во траење од по четири месеци при што три месеци кандидатите ќе имаат теоретска обука а по еден месец практична, теренска обука. По завршената основна обука од една година, Договор за вработување со МВР потпишуваат 400 кандидати согласно ранг листа изготвена од Центарот за обука.