Започна осмото издание на Виноскоп

Вчеравечер, на плоштадот „Карпошово востание“ до Камениот мост, со настапите на Дј Тина, етно метал бендот Хроматик Поинт и браќата Тавитијан со проектот „Македонското срце чука во 7/8 такт“ со специјалниот гостин Аки Рахимовски од Парни Ваљак којшто ги изведуваше старите македонски народни песни, почна осмото издание на винскиот фестивал „Вино-Скоп“ 2014. Фестивалот официјално го прогласи за отворен градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

-Добредојдовте на осмиот по ред Фестивал на виното „Вино-Скоп“ 2014. Се надевам дека во наредниве пет дена ќе се дружите токму овде со добро вино, храна и музика. Ви пожелувам незаборавни моменти на „Вино-Скоп“ 2014, добра забава и одлично здравје, истакна градоначалникот Трајановски прогласувајќи ја оваа винска манифестација за отворена.

На овој фестивал учествуваат над 40 македонски винарии, а новитет годинава е што посетителите ќе имаат можност да пробаат и вински коктели како сангрија и вино мохито.

Мускат, Траминец, Александрија, Вранец, Темјаника, Мерлот, Каберне Совињон, Пинот Ноар, Кавадарка, Шардоне, Белан, Ризлинг, Совињон Бланк, Семилон, Смедеревка, Ркацетели, Темјаника, Жилавка, Станушина се само дел од сортите кои се одгледуваат во нашиот регион, а кои посетителите ќе може да ги пробаат на реномираниот вински фестивал.

Афинитетот за одгледување грозје за производство на вино е еден од најважните во нашата историја, бидејќи уште од времето на македонската династија, преку римската империја, раното христијанство и се до ден денеска виното игра значајна улога во македонската традиција и во сите славенички церемонии. Македонија е земја богата со голем број винарии, а повеќето од нив ќе земат учество на Вино-Скоп 2014.

Вечер, на програмата на втората фестивалска вечер, посетителите на Вино-Скоп, ќе ги забавуваат Диџеј Тина, XXL, бендот „Тоа е тоа“, Фолтин и за крај Бени и Нон стоп.