Започна реконструкција на патот Охрид-Велестово

Агенцијата за патишта на Република Македонија заедно со Општина Охрид денеска ги отпочнаа градежните активности за реконтрукција на патниот правец од Охрид до селото Велестово. Станува збор за локален пат во должина од пет километри, изграден во 80-те години на минатиот век, а за чија реконструкција се обезбедени 164 илјади евра.

Реконструкцијата на патот е предвидено да се одвива во две фази, а градежните активности да бидат завршени за една година.

Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески истакна дека тој локален патен правец е од витално значење за луѓето кои живеат во селото, но и во насока на развој на руралниот туризам на кој општината посветува особено внимание, како и за полесен пристап на туристите кон Националниот парк „Галичица“.

Во селото постојано живеат дваесеттина луѓе, но на тој потег над Охридското Езеро има голем број викенд-куќи и вили. Во Велестово честопати доаѓаат и странски гости, поради живописната природа и прекрасниот поглед кон градот и езерото.

Претседателот на Месната заедница од Велестово Никола Кочоски изрази благодарност во име на жителите што наишле на разбирање кај властите за нивните потреби, истовремено апелирајќи за поинтензивна соработка со локалната самоуправа, се со цел подобрување на животот на населението, секако и за афирмација на тоа атрактивно излетничко место.

Во првата фаза ќе се реконструира потегот на делницата од бензинската пумпа на „Макпетрол“ до управната зграда на Националниот парк „Галичица“, каде што има најмногу оштетувања на коловозот. Предвидено е новиот асфатен коловоз за биде порабен со соодветни бетонски банкини.