Започна реконструкцијата и реновирањето на центрите за социјална работа

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов престојуваше во работна посета на Пробиштип по повод започнувањето на имплементацијата на Проектот „Реновирање на центрите за социјална работа”.

Имено, станува збор за реновирање на 11 центри за социјална работа. Во првата фаза ќе се изврши реконструкција на четири центри за социјална работа: Пробиштип, Ресен, Струмица и Свети Николе, додека во втората фаза ќе се реконструираат и други центри за социјална работа.

Со реконструкцијата, меѓудругото ќе се постават нови термоизалоциони фасади, ќе се изврши реновирање на санитарните јазли, ќе се заменат прозорците и вратите и ќе се извршат други градежно-занатски работи.

Целта на проектот е обезбедување на подобра услуга за граѓаните, како и подобрување на условите за работа во центрите за социјална работа.

Македонија доби кредит од Меѓународната банка за обнова и развој (IBRD) за спроведување на Проектот за условени парични надоместоци и дел од добиените средства од овој кредит ќе се искористат за градежно-занатски работи за реновирање на центрите за социјална работа.