Македонија

Започна реконструкцијата на Коридор 8

Започна реконструкцијата на Коридор 8

Конечно започна реализацијата на  проектот „Реконструкција на Коридор 8, делница Куманово-Бељаковце“, инвестиција вредна преку 50 милиони евра

Железничката делница од Куманово до Бељаковце е со должина од 30,8 километри и претставува прва од вкупно трите делници на пругата од меѓународниот железнички Коридор 8, која треба да ја поврзува Република Македонија со Република Бугарија, почнувајќи од Куманово преку Бељаковце, Крива Паланка до Деве Баир, односно до границата со Република Бугарија.

Премиерот Никола  Груевски истакна дека во рамки на проектот целосно ќе се реконструира постојната пруга во должина од околу 31 километар, ќе се изградат три железнички станици, шест стојалишта, повеќе надвозници и подвозници, како и  мост над Пчиња, обновување на постојните мостови, инсталирање на кабелски водови, огради, заштитни бариери и нови сигнално сигурносни уреди.

„Најголемиот дел од пругите во Македонија се направени пред повеќе од сто години за време на отоманската империја. Како за пример железничката пруга Скопје – Гевгелија е изградена 1873 година, а железничката пруга од Скопје до Табановце во 1887. Од тогаш па наваму многу малку е инвестирано во изградбата и рехабилитацијата на железничката инфраструктура во нашата држава“, рече Груевски.

Дел од активностите, додаде премиерот, беа започнати уште во девесетите години, но поради неодговорност и несериозност на претходната владејачка гарнитура проектот беше прекинат во 2004 година.

Првата фаза од овој проект изнесува околу 46 милиони евра, втората 145 милиони евра, а за третата фаза ќе се користат средства од Европската банка за обнова и развој, од Европската инвестициона банка и од ИПА-фондовите на ЕУ.