Започна реконструкцијата на пешачката и велосипедска патека на бул „Крсте Мисирков“

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и градоначалникот на општината Чаир, Изет Меџити,го означија почетокот на градежните работи за реконструкција на пешачката и на велосипедска патека на булеварот Крсте Мисирков.

– Денеска ја почнуваме реконструкцијата на пешачката и на велосипедска патека на булеварот Крсте Мисирков, од страната на трговскиот центар „Мавровка“, на потегот од крстосницата со булеварот Гоце Делчев до почетокот на Битпазар, на должина од 440 метри. Овие патека беа многу оштетени, а сега ќе добијат нов и уреден лик. Со овој зафат ќе се реконструира површина од вкупно 2.750 квадратни метри. Стариот и оштетен асфалт ќе се отстрани, ќе се заменат малите рабници меѓу велосипедската и пешачка патека и оштетените големи рабници и ќе се нанесе нов асфалтен слој. По должината на реконструираната пешачка и велосипедска патека ќе се наместат столбчиња, а ќе се обнови и дрворедот. Градот Скопје за овој градежен зафат ќе потроши околу 2,4 милиони денари, а на терен ќе работат екипите на ЈП „Улици и патишта“ – рече градоначалникот Коце Трајановски.

Градоначалникот на општината Чаир, Изет Меџити, истакна дека овој проект е уште еден во низата успешни проекти на Градот Скопје и на Општината Чаир.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.