Македонија

Започна рестраврацијата на старата градска архитектура во Крушево

Започна рестраврацијата на старата градска архитектура во Крушево

Со поддршка од Министерството за култура во Крушево во тек е конзервација на куќата на ул.„ Нико Доага“ број 65, која е дел од проектот на Владата и на Министерството за култура за реконструкција на фасади на значајни објекти од старата градска архитектура.

Конзервацијата на објектот се одвива во неколку фази, а стручните екипи на Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј – Прилеп во моментов интензивно работат на подпокривната конструкција од дрвени греди кои под тежината на камените покривни плочи беа пред уривање. По замената на системот греди и соодветните подготовки на покривот ќе бидат поставени нови камени плочи. Претходно на објектот беше извршено зајакнување на темелите, а се работеше и на обликување на фасадата со основните градежни материјали, дрво и камен се со цел зачувување на амбиенталноста на куќата.

DSCN5598

Инаку овој објект, со конструктивна и естетска концепција типична за крушевските куќи, во изминатиот период беше со особено нарушен изглед на надворешноста. Со реализацијата на проектот, целосно ќе се зачува автентичниот изглед на фасадата на објектот кој се наоѓа во непосредна близина на галеријата „Мартиновски“ со што ќе се придонесе за оформување на една комплетна слика за градителското наследство на Крушево.

По обновените фасади на куќите на семејството Важарови и на семејството Бинка, куќата на ул. „Нико Доага“ број 65, е трет објект на староградска архитектура со впечатлива надворешност во Крушево, на кој се обновува фасадата. Со ова, се продолжува векот на една од најубавите крушевски куќи, како споменик на времето кој ги обединува знаењето, естетиката и душата која во неа ја вградиле старите мајстори.

DSCN5604

Враќањето на сјајот на овие објекти претставува поттик за идните градители во Крушево да ги следат традиционалните вредности при градењето со што ќе се овозможи странските и домашни посетители да и се восхитуваат на старата македонска архитектура.