Започна „Скопско лето 2014“

Вчеравечер, во МОБ, со Гала оперски концерт, свечено беше отворено 35-то издание на една од најголемите културни Манифестации во Скопје и земјава, „Скопско лето 2014“.

5

 

На свеченото отворање присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, кој што и официјално го прогласи за отворен овој 40-дневен фестивал.

6

– Со препознатлив ентузијам и посветеност, пред 35 години, на 21 јуни – календарскиот почеток на летото и Светскиот ден на музиката, Дирекцијата за култура и уметност ја започна долгата историја на “Скопско лето”. Веројатно неочекувајќи дека, и покрај упорноста и истрајноста, овој фестивал ќе прерасне во културно обележје и симбол на уметничкиот живот во нашиот град, перфекционистите на Дирекцијата ни докажуваат дека за уметноста не постои ни време ни простор како ограничувачки фактор. Во изминативе три ипол децении, преку внимателно избраната програма на “Скопско лето”, настапија огромен број на изведувачи и ансамбли, понудувајќи и ја на љубителите на уметноста својата изведбена виртуозност и творечка енергија во различни жанрови и уметнички правци во областа на музиката, театарот, филмот, литературата, ликовните уметности, како и мултимедијалните перформанси и спектакли што им додаваат духовна содржина на отворените градски простори кои вообичаено се користат за секојдневните потреби на граѓаните, како и простори неманети за настани од областа на културата, што во летниот период се помалку ангажирани. На овие бројни настапи особено се потсетуваме годинава кога одбележуваме 70 години од ослободувањето на Скопје, односно од почетокот на самостојниот развој на Македонија и градот Скопје.   Постоењето на фестивалот “Скопско лето” е важно затоа што во текот на 40 дена, во веројатно најтоплиот период од годината, успева да го привлече вниманието на публиката што е гладна за уметнички настани, да задржи во градот значителна група скопјани, како и да го привлече вниманието на странските посетители, на градски локации со специфична историска и естетска вредност – од Матка до Марков манастир, од Старата скопска чаршија до падините на Водно, како и на веќе познатите простори за уметничка интерпретација. Дел од програмите на Скопско лето, што особено радува, и оваа година ќе се одвиваат и на улиците и во објектите на Старата Скопска чаршија, односно во едни од најрепрезентативните објекти и споменици на културата во Скопје, по избор на менаџментот на фестивалот, но и како варијанти со задоволство прифатени од уметниците, а особено од публиката, истакна градоначалникот Трајановски и прогласувајќи го фестивалот за отворен им посака на граѓаните 40 дена исполнети со култура и уметност.

2

Во организација на МОБ, на Гала оперски концерт настапија солистите, хорот и оркестарот на Македонската опера и балет, под диригентско водство на  Бисера Чадловска.

4

Град Скопје од Буџетот за реализација на Манифестацијата „Скопско лето 2014“ одвои 1.800.000 денари, фестивалот финансиски го поддржува и Министерството за култура, а организатор и реализатор на настаните е Дирекцијата за култура и уметност – Скопско лето.